I РЕЦЕПТ: Плазма ролат со суво овошје, за 10 минути е готов. Многу вкусен десерт кој се топи во уста. Брза и лесна подготовка, а може да се направи и во посна верзија.

Потребни состојки: 600 г мелена плазма, 250 г омекнат путер, 200 г шеќер во прав, 200 мл сок од портокал, 150 г брусница или суво грозје или мешано и 200 г печени лешници. За глазура: 100 г чоколадо за готвење и 2 лажици масло

Постапка: сувото овошје исечкајте го. Лешниците исечкајте ги со нож или кратко сомелете ги во мелница но внимавајте да има и парчиња. Одвојте две лажици од лешниците за подоцна да декорирате.

Путерот на собна температура добро изматете го со шеќер во прав. Додајте мелена плазма и сок од портокал, па мешајте додека се добие еднолична смеса. Промешајте ги и сечканите брусници и лешници.

Добиената смеса обликувајте ја по желба, директно на чинијата на која ќе се служи или со помош на калап.

Јас користев калап за Срнечки грб, го обложив со проѕирна фолија, ја натапкав фолијата, оставив во фрижидер неколку часа, па го превртев калапот врз чинијата за сервирање и ја извадив фолијата.

Под страните на тортата подметнете ленти од масна хартија. Чоколадото стопете го на пареа со две лажици масло и прелијте преку тортата. Одозгора наросете лешници и ставете во фрижидер да се стврдне глазурата.

Потоа, со н-ож внимателно поминете покрај ивиците на тортата за да се пресече истеченото чоколадо, па извлечете ја подметнатата хартија.

II РЕЦЕПТ: Едноставен колач со кекси и пудинг за 10 минути без печење

Ова е нешто лесно, толку едноставно (особено за дамите кои немаат многу искуство во приготвување на комплицирани колачи, ниту време), а толку чоколадно и кремасто…- Гордана.

Потребни состојки: 1,5 литар млеко, 100 г чоколадо за готвење, 4 пудинг со вкус на чоколадо, 8 лажици шеќер, 300 г петит кекси, 2 ванилин шеќер

Постапка: Во 300 мл млеко додајте го прашокот од пудинзите и промешајте за да се изедначи и да нема грутчиња, а остатокот (1,2 л) ставете го на оган заедно со шеќерот и ванилата. Кога ќе зоврие додајте го разматениот пудинг и мешајте додека да се свари згусне.

Во сварениот пудинг додека сè уште е топол додајте го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека да се растопи и инкорпорира во пудингот. Во посебен сад искршете ги кексите и прелијте ги со сварениот (топол) пудинг. Добро промешајте да се изедначи.

Смесата излејте ја во калап или плех претходно обложен со проѕирна или алу-фолија и оставете да се олади, најпрво на собна температура, а потоа и во фрижидер. Добро изладениот колач превртете го врз чинија за сервирање и украсете го по желба со чоколадо или шлаг, но не мора. / Coolinarika.com

III РЕЦЕПТ: Наједноставниот пудинг колач со бисквити, брзо и вкусно. Едноставно, брзо и вкусно, најчесто го правам кога ни се јаде нешто благо.

Потребни состојки: 500 г бисквити, 2 пудинг од чоколадо + шеќер по вкус, 900 мл млеко (800 за пудинг а 100 за бисквитите), 250 г путер или маргарин и 2 коцки чоколадо за готвење

Постапка: Одземете малку млеко од 800 мл и разматете ги пудинзите. Остатокот ставете го на оган да зоврие со неколку лажици шеќер по вкус, па додајте ја смесата и варете го пудингот додека да згусне со постојано мешање. Кога целосно ќе се олади пудингот, додајте пенасто изматен путер и соединете.

Во калап редиме еден ред бисквити кратко натопени во млеко (или прво наредете ги, па со лажица одозгора ставајте им по малку млеко). Врз бисквитите намачкајте еден слој од пудингот, па повторно бисквити и сè така додека да ви се потрошат состојките.

Последниот слој нека биде крем и декорирајте со малку рендано чоколадо. Оставете го колачот да излади во фрижидер најмалку 2 часа. Наместо путер во кремот можете да додадете изматен шлаг, па кремот станува уште полесен. / anelej – Coolinarika.com

IV РЕЦЕПТ: Чоколаден колач готов за 15 минути без маргарин и без печење, со бисквити и пудинг

За да го приготвите овој колач потребен ви е еден тенок калап кој ќе го обложите со проѕирна фолија, бисквити, пудинг, млеко и шеќер по вкус.

Потребни состојки: 500 г турски чоколадни бисквити (или било какви), 2 пудинзи од ванила, 2 пудинзи од чоколадо, 1 литар млеко, шеќер по вкус или според упатството на кесичките од пудинзите

Постапка: еден потесен плех обложете го фолија. Сварете ги пудинзите посебно според упатството (по 2 пудинзи за половина литар млеко). На секој бисквит мачкајте прво пудинг од ванила, па редете покрај ѕидот на плехот по должина.

Потоа, преку него редете бисквити намачкани со пудинг од чоколадо и сè така по ред додека да се исполни калапот. Можете да ги редите и по сопствена избор и идеја.

Оставете го во фрижидер добро да излади, па потоа превртете го на долгнавеста чинија за сервирање. Глазура ставете по желба (може чоколадна или да ставите шлаг). Јас се одлучив за шлаг. Сечете го колачот добро изладен. Има одличен кремаст, чоколаден вкус.

Напомена: Доколку користите турски бисквити нема потреба од нивно претходно натопување во течност (чај, млеко) бидејќи овие бисквити се многу меки и веднаш ќе ја впијат влажноста од пудингот.