Лично, јас сум поголем љубител на овошното колачи и преливи, меѓутоа, познавам луѓе кои не ги сакаат црвените – овошни колачи и главно ги сакаат ваквите чоколадни, со бисквити и евентуално банани, без кори и без печење…

Ова се многу едноставни коцки за кои шпоретот ќе го вклучите само за да го направите преливот- ганаш.

Потребни состојки:

300 г плазма кекси (350 г мелени + 50 г кршени парчиња)
150 мл цеден сок од портокал (околу 2 портокали)
2 големи лажици шеќер во прав
80 г омекнат путер

за фил:

300 г мелени плазма бисквити
400 г милерам (вид крем сирење за колачи)
1 сечкана банана
130-150 г шеќер во прав или по вкус
200 мл слатка павлака

за ганаш (прелив):

200 мл млечно чоколадо
150 мл слатка павлака

Постапка:

За подлога: Сите состојки измешајте ги во садот и со раце замесете ја смесата. Калап со димензии 20х28 см или некој со слични димензии намастете го со малку путер, па во него рамномерно распоредете ја смесата и притиснете ја убаво за да се втисне. Калапот можете да го обложите и со хартија.

За фил: прво измиксајте ја слатката павлака, а потоа во посебен сад измиксајте ги сите останати состојки. Соединете ги овие две смеси, па распоредете врз подлогата од бисквити. Израмнете.

За ганаш: пригответе помал сад и во него искршете го чоколадото, додадете ја слатката павлака, па загрејте на тивок оган. Мешајте додека да се растопи чоколадото, но внимавајте да не ви загори. Прелијте преку филот.

Колачот изладете го и сечете го на помали коцки (приближно 4х4 см).

Совет за сечење: користете тенок остар нож, приготвите чаша со врела вода и хартиена салветка. После секој засек ножот избришете го со салветка, па натопете го во врелата вода.

Овој колач е најдобро да се послужи и јаде директно од фрижидер. Колку повеќе стои на собна температура толку повеќе омекнува.

Доколку сакате поцврст фил, тогаш може да додадете и 1 инстант желатин, особено ако сте користеле млечна слатка павлака.

Coolinarika.com