Брзи, вкусни и меки питулици кои се приготвуваат со готови кори и се печат во рерна. Има многу малку масло, значи не се масни, брзо се подготвуваат и сите ќе уживаат во нив. Испробајте ги еднаш, нема да погрешите… – Јафи.
Потребни состојки: 500 г кори за пита, 3 јајца, 300 г сирење, 10 лажици зовриена вода, 15 лажици масло, 1 лажичка прашок за печиво, малку сол и уште 500 мл млака вода.
Постапка: во еден подлабок сад пригответе го филот. Скршете ги јајцата и додека ги матите со жица маталка, додајте 10 лажици врела вода и 15 лажици масло. Сирењето издробете го, па и него додајте го. На крај додајте прашок за печиво и малку сол по вкус.
Отворете ги корите врз работна површина, па вадете по две кори и филувајте ги со приготвената смеса. Виткајте ги внимателно во ролат, а потоа и како полжав. Приготвените питулици редете ги во плехот од рерна или тепсијата каде што планирате да ги печете.
Питулиците оставете ги да отстојат половина час во плехот (тепсијата) во која сте залиле половина литар млака вода (може да биде и газирана, ама претходно загрејте ја).
Пред печењето питулиците одозгора премачкајте ги со преостанатиот фил, па ставете ги да се печат во загреана рерна на 220 степени додека да добијат златно-жолта боја. Питулиците послужете ги топли.
СОВЕТ: Кога првпат ги правев ми беше страв да ја ставам целата количина на вода, затоа што не знаев како ќе излезе на крај, па ставив само толку колку да биде прекриена површината на плехот. Не згрешив, па така продолжив и понатаму да ги правам.
Во текот на печењето целата вода испари, плехот беше поголем, па имаше празен простор помеѓу питулиците, а тие излегоа мекички и убаво се испекоа. Остануваат меки и вкусни и следниот ден. Вие постапете како што сакате, можете според оригиналниот рецепт (500 мл) или според мојот (околу 250 мл). – Јафи / Сооlinarika.com
ПИТА СО СИРЕЊЕ И ГОТОВИ КОРИ: Оваа пита веднаш ми ја разграбуваат. Многу брза и лесна подготовка. Она што е најважно во целиот рецепт е да пронајдете убави и квалитетни кори, зошто некогаш ми се случувало да купам премногу суви и кршливи, или пак, откако ќе ги отворам во средината да пронајдам мувла.
Штом ќе ви се погодат убави корите, питата ќе излезе совршено вкусна, како тукушто да сте сами да сте ги развлекувале корите. Што се однесува до филот, кај мене дома најмногу ми ја сакаат со сирење, но може да се приготви со каков било друг фил.
Потребни состојки: 500 г готови кори за пита, 300 г сирење, 2 јајца, масло и сол. За прелив: 1 сув квасец, 1 прстофат шеќер, 1 лажичка сол, 3 јајца, 4 шолји (мали за кафе) млеко, 2 шолји масло и 3 шолји брашно. Постапката е многу лесна.
Постапка: во сувиот квасец додајте малку топла вода, а потоа ставете шеќер. Оставете на страна 10-тина минути додека да запени. Откако ќе се активира, додајте ги јајцата кои претходно сте ги извадиле од фрижидер и се стоплиле на собна температура.
Во смесата додајте го млекото (исто така на собна температура или малку замлачено) и маслото, а на крај додајте просеано брашно во кое сте додале малку сол. Сето добро измешајте го да нема грутчиња. Ќе добиете густа смеса.
Фил од сирење: сирењето издробете го ситно и додајте го во изматените јајца, па посолете по вкус и измешајте. Постапка за корите: ставете ја првата кора, премачкајте ја со преливот, потоа ставете втора кора, премачкајте, па трета кора, исто така премачкајте. Врз третата кора ставете фил од сирење.
Ивиците добро затворете ги за да не истекува сирењето и свиткајте како ролат. Избројте ги корите и добро поделете го сирењето за да ви стигне за сите ролати. Оставете ги ролатите да одморат околу 30-40 минути за убаво да го впијат преливот.
Тепсијата треба да биде намастена пред да ги ставите ролатите. Откако ќе отстои, питата ставете ја да се пече во претходно добро загреана рерна, околу 40 минути на 200-220 степени или додека да зарумени.
Зависи како ви пече рерната: ако за кратко време фати боја одозгора, спуштете ја решетката подолу и ставете хартија за печење одозгора, па допечете ја питата.