Брзи, вкусни и меки питулици кои се приготвуваат со готови кори и се печат во рерна. Се користи многу малку масло, што значи не се масни, брзо и многу едноставно се подготвуваат и сите ќе yживаат во нив. Испробајте ги еднаш, нема да погрешите… – Рецепт на Јафи.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г готови свежи кори за пита (може и потенки), 3 јајца, 300 г сирење, 10 лажици зовриена вода, 15 лажици масло, 1 лажичка прашок за печиво (1/2 кесичка – 5 г), малку сол и уште 500 мл млака вода (јас ставив 250 мл).




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад пригответе го филот. Најпрво скршете ги јајцата и додека ги матите со жица маталка, додајте 10 лажици врела вода (тукушто извадена од рингла, значи мора да врие) и 15 лажици масло.




Сирењето ситно издробете го, па и него додајте го. На крај додајте прашок за печиво и малку сол по вкус, во зависност од соленоста на самото сирење. Отворете ги корите врз работна површина и најдобро е веднаш да ги преброите за да знаете со колкав број располагате.




Обично се филуваат по две кори, меѓутоа, доколку се премногу тенки како за баклава, можете да филувате и по три. Значи, вадете по две кори и филувајте ги со приготвената смеса. Виткајте ги внимателно во ролат, а потоа и како полжав.




Приготвените питулици-полжавчиња редете ги во плехот од рерна или тепсијата каде што планирате да ги печете, претходно обложена со хартија и малку намастена. Откако ќе ги наредите сите питулици, залијте ги со 250-500 мл млака вода или само колку да се прекрие површината на плехот.




Питулиците оставете ги да отстојат половина час во плехот (тепсијата) заедно со водата (која патем, може да биде и газирана, ама претходно малку загрејте ја за да биде млака. Со газирана вода излегуваат уште поубави).




Пред печењето питулиците одозгора премачкајте ги со преостанатиот фил, па ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 220 степени додека да добијат златно-жолта боја. Питулиците послужете ги топли.




СОВЕТ: Кога првпат ги правев ми беше cтpaв да ја ставам целата количина на вода, затоа што не знаев како ќе излезе на крај, па ставив само толку колку да биде прекриена површината на плехот. Не згрешив, па така продолжив и понатаму да ги правам.




Во текот на печењето целата вода испари, плехот беше поголем, па имаше празен простор помеѓу питулиците, а тие излегоа мекички и убаво се испекоа. Остануваат меки и вкусни и следниот ден. Вие постапете како што сакате, можете според оригиналниот рецепт (500 мл) или според мојот (околу 250 мл). – Јафи / Сооlinarika.com