Пица мафините се одлично јадење за малите дечиња, особено кога сте на некој роденден или за во домашни услови за вечера. Иако тестото може да си го направите и за голема пица, мафините се многу лесни за подготовка поради тоа што процесот не бара месење и чекање на тестото да стасува.




Можете да ги филувате како што ќе посакате, да им додадете шунка, кашкавал, кечап, сирење, а може да ги правите и со зеленчук, на пример со младо кромитче или да ги оставите шупливи, подеднакво се вкусни. Еве кои состојки ви се потребни за да ги подготвите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 20 г свеж ди-го квасец или 7 г сув квасец, 100 г лесно пченично брашно, 12 г шеќер, 300 мл млака вода (не треба да биде врела или зовриена), 180 г јогурт, 2 јајца, 50 мл масло, 450 г од истото брашно, 15 г сол. ЗА ФИЛ: 300 г кашкавал за пица, 300 г шунка, 100 мл доматен сос, зачини како сол, црн пипер, оригано и малку шеќер и масло.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 150 мл млако млеко, 1/2 коцка (20 г) свеж квасец, 300 г брашно, 40 г путер, 1 јајце, сол, зачини за пица (оригано или босилек). ЗА ФИЛ: 70 г шунка или салама, 70 г свежи печурки, 70 г рендан кашкавал (на пр. Гауда или Ајдамер), околу 10-12 маслинки (излупени), 50 г кромид (ова е по избор)




ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Не е важно дали мафините ги правите со свеж или сув квасец, на двата начина е испробан рецептот и е успешен. Во еден сад ставете го квасецот, ако е свеж, издробете го претходно. Додајте 300 мл млака вода, 100 г лесно пченично брашно и 12 г шеќер.




Фино измешајте ги состојките и оставете квасецот да надојде околу 20-тина минути на топло место. По изминатото време, додајте го јогуртот кој треба да биде на собна температура, па маслото и нежно соединете. Додајте ги двете јајца во тестото, а веднаш потоа започнете да го додавате остатокот од брашното, околу 450 г.




Соединете ги сите состојки со енергично мешање, околу 2-3 минути или тоа може да го направите и во електричен миксер, за да ви биде полесно. Настрана подгответе си мешавина од 100 мл доматен сос со малку сол, црн пипер, оригано и малку масло.




Шунката исечкајте ја на поситни парчиња и додајте ја во смесата од тестото, кое треба да има конзистентност како смеса за палачинки, само малку погуста. Кашкавалот исечкајте го на ситни парчиња и ставете го настрана.

Земете калапчиња за мафини, добро намастете ги и набрашнете ги на дното и од страните. Започнете да ја излевате смесата во калапчињата, нешто малку под врвот со директно излевање од садот или со помош на лажица.

Одозгора врз секоја смеса во калапчињата се става по 1 лажица од доматниот сос и се редат неколку парчиња кашкавал, кој го исечкавте претходно. Вака подготвените пица мафини се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 20-тина минути, додека да заруменат.

Рерната треба да ви биде вклучена со горниот и долниот грејач. Ако користите вентилатор, тогаш мафините се печат на 180 степени, исто 20-тина минути. Доколку немате вакви калапчиња, смесата излејте ја во обичен плех, со хартија за печење и печете на истата температура околу 25-30 минути.

ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Растворете го квасецот во млако млеко (со додавање на лажичка брашно и шеќер) и оставете го да набурбри неколку минути на топло место. Се просејува брашното, солта, се додава путерот и јајцето, зачините за пица и сето убаво се меша со додадениот квасец во мазно тесто.

Оставете го тестото покриено да нарасне 35 минути. Шунката се сече ситно, се чистат печурките и се сечат ситно, како и маслинките, а кашкавалот се ренда.

Ако сакате, можете да го пропржите претходно кромидот во лажица маслиново масло и да го додадете во смесата, излегува одлично, но кога сакам вистински вкус на пица, правам без кромид.

Штом тестото се удвои во волумен, измешајте ги подготвените состојки во него. Смесата поделете ја во сад на 12 еднакви парчиња и нежно формирајте топчиња со рацете.

Калапите се полнат со топчињата, од хартија за печење обично сечам 12 кругови и ги ставам на дното на калапчињата, бидејќи кашкавалот измешан во тестото се топи при печењето и може да се залепи за калапот.

Мафините се печат околу 20-25 минути на 180 степени, во претходно загреана рерна. По печењето, мафините ставете ги на решетка да се изладат 3-4 минути.

Обидете се да бидете трпеливи, додека мирисаат толку примамливо, за да не се изгорите. / Сoolinarka.сom. Деталите од првиот рецепт можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.