Јас сум почетник во кујна и не сум спретна во месење тесто, но кога го видов овој рецепт, ме привлече изгледот на лепчето, но и тоа што тестото не мора да се меси. Тестото се меша со лажица, а потоа лесно со формира со рацете, така што, штом мене ми успеа, верувајте, секому ќе му успее. Подолу во текстот ќе го најдете и линкот од видеото од каде ја видов постапката.
Овој „пица-леб“ се филува со рендан кашкавал (еден вид моцарела, но може каков било кашкавал за пици) помешан со фета сирење (или некое друго по избор). Секако, тоа е само една опција, а секој може да го филува со што сака друго, по свој вкус. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл топло/млако млеко, 1 јајце на собна температура, 3 супени лажици масло, 1 супена лажица шеќер, 1 чајна лажичка сол, 1 кесичка сув квасец (8-10 г), 300 г брашно + уште малку. ЗА ФИЛ: мешавина од рендан кашкавал и фета во количина од еден грст (топка голема колку портокал).
ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете го топлото млеко, додајте три супени лажици масло, 1 супена лажица шеќер, 1 чајна лажичка сол, 1 кесичка сув квасец. Промешајте ги состојките додека да се добие изедначена смеса, а потоа започнете со постепено додавање на брашното.
Откако ќе додадете 300 г брашно, можеби ќе ви биде потребна уште една супена лажица брашно, за да ја добиете посакуваната густина. Тестото е меко и лепливо, речиси како за уштипци, но не смее да е течно, ниту пак тврдо.
Покријте го со кеса и оставете го на топло место да стасува половина час. За тоа време пригответе го филот: изрендајте кашкавал и помешајте го сирење, па формирајте топка со рацете со големина на портокал. Може да филувате со што сакате друго.
Потоа на сосем малку набрашнета работна површина истресете го стасаното тесто (додајте уште малку брашно ако е потребно), па формирајте топка со помош на рацете, а потоа сплескајте го како дебела пица. Во средината поставете ја топката од кашкавал, а потоа со прстите затворете го тестото.
Ако ви се лепи за прстите додавајте по малку брашно. Превртете го тестото да дојде со спојката надолу, а потоа постепено со прстите повторно сплескајте го да добиете форма на диск/дебела кора.
Ставете ја во плех обложен со хартија и уште малку развлечете ја со дланките, да биде уште потенка. Одозгора премачкјате ја со жолчка од јајце, па наросете уште малку кашкавал и парченца сирење.
Ставете да се пече до добро загреана рерна на 180 степени околу 20-25 минути. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.