Ова е наједноставниот рецепт за подготовка на пита, многу слична на бурек-питата, само што не е толку масна. Се филува со меко сирење и готовите кори се прскаат со газирана вода, а кога ќе се испече делува како да излегла од најубавата бурекчилница, како питите со свежо тесто. Во продолжение ви нудиме неколку варијанти, а вие запишете си го рецептот кој најмногу ви се допаѓа. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г кори за пита, 500 г свежо/меко сирење или урда, 2 јајца, 3 супени лажици цврст јогурт или кисела павлака, 1 мала лажичка сол, 250 мл газирана вода, 50 мл масло за готвење, 1 мала лажичка сол
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 пакување готови тенки кори од 500 г, 150 мл вода (може и газирана), 50 мл масло, сол по вкус ако сирењето не е доволно солено и 500 г сирење.
ПОСТАПКА за рецепт 1: мекото сирење посолете го по вкус (ако не е солено) и промешајте го. Во посебен сад скршете две јајца, изматете ги со виљушка, па додајте три полни лажици кисела павлака (кисело млеко или јогурт) и промешајте за да се изедначат. Отворете ги корите и одвојте 3 за дното и 2 за одозгора, а по желба останатите можете да ги искроите според величината на тепсијата (не мора).
Во посебен сад сипете 250 мл газирана вода и помешајте со 50 мл масло за готвење. Посолете со една мала лажичка сол. Тркалезната тепсија намастете ја со масло, па наредете три кори, така што со нив ќе се покрие дното, но и голем дел од нив ќе излегуваат надвор, да можат после да се преклопат.
Корите испрскајте ги со мешавината од газирана вода, потоа сипете малку од мешавината со јајца и рамномерно распоредете малку од сирењето. Поклопете со нова кора и повторете ја постапката и сè така додека да се потроши материјалот. Ако сте одлучиле да ги кроите корите, некаде во средината искористете ги и отсечените делови кои можат да заменат една-две кори.
Кога ќе го потрошите материјалот, питата поклопете ја со корите што висат од страните, испрскајте ги со мешавината од газирана вода (добро да се натопат за да омекнат), а дури потоа ставете ги двете кори и убаво потпикнете ги внатре, како да местите чаршав на кревет.
Целата пита прелијте ја одозгора со остатокот од газирана вода, а потоа густо избоцкајте ја со чепкалка за заби. За тоа време нека ви биде вклучена рерната да се загрева на 250 степени. Ставете ја питата да се пече во врела рерна, 25 минути.
Извадете ја, врз голема тацна или даска превртете ја, па така превртена вратете ја во тепсијата и допечете ја во врелата рерна уште 5 минути. печената пита повторно превртете ја, оставете малку да се подизлади, па сечете ја и послужете ја. Деталите погледнете ги ОВДЕ, а следи постапката за приготвување на вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Водата, маслото и солта ставете на оган, да зоврие. Првите две кори ставете ги во тепсија но краевите да висат надвор. Премачкајте ги со масло и вода. Така редете ги следните кори и секоја исто премачкувајте ја. Потоа филувајте со сирење и повторно редете кори и секоја прелијте ја.
Кога ќе се потрошат сите кори, тогаш оние првите две што висат преклопете ги одозгора и ставете уште една или две кори за да добро да се спакува бурекот. Печете во добро загреана рерна на 220 степени 30-тина минути. Кога е печен бурекот превртете го наопаку и исечете го.