Фотографии и рецепт на Верица Николиќ – Пита со сирење и спанаќ од готови кори.

Коментар на Татјана Чукиќ за овој рецепт: “Од кога го објавивте рецептот, јас неброено пати ја направив питата токму според него, навистина е супер овој прелив (за премачкување на корите).

Правам и солени и слатки пити, а за слатките само ја изоставам солта од преливот. Денес направив со јаболка. Ви благодарам за рецептот, целосно заживеа во мојата кујна”. После ваков коментар, немаме што да додадеме, останува да го пробаме и да се увериме во вкусот, како и кај сите претходно објавени рецепти на Верица досега – секогаш успешни, одлични и убаво објаснети.

Потребни состојки: 500 г тенки кори за пита

За прелив на корите: 120 г брашно, 1 кесичка сув квасец, 360 мл млеко, 180 мл масло, 1 лажичка сол.

За фил со спанаќ: 400 г кравјо сирење, 200 г кајмак, 700 г спанаќ, 5 јајца, сол по потреба.

Постапка:

Прво пригответе го филот: Спанаќот добро измијте го и многу малку избланширајте го во зовриена вода (1-2 минути). Извадете го и веднаш прелијте го со ладна вода (на тој начин ќе се сочува убавата, зелена боја).

Оставете да се олади, па ситно исечкајте го. Во соодветен сад ставете го издробеното сирење, додадете кајмак и со виљушка убаво соединете ги состојките.

Додадете ги јајцата и исто така, со виљушка добро соединете ги сите состојки. На крај додадете го приготвениот спанаќ и промешајте. Јас не додавав сол, бидејќи сирењето и кајмакот ми беа солени (а вие додадете, по потреба).

За прелив на корите: Во длабок сад ставете млеко, масло и сол. Додадете ја мешавината од брашно и квасец. Со жица за матење добро соединете, да нема грутчиња од брашно.

Корите поделете ги така што за секој ролат да има по две кори. Ставете една кора на работна површина и премачкајте ја со 3-4 лажици од преливот (преливот нанесете го со лажица, а потоа премачкајте го преку целата површина со четка).

Преклопете со втората кора, која исто така, треба да се премачка. Потоа, преку втората кора нанесете дел од филот (филот поделете го на онолку делови колку што ќе имате кори, за да биде еднакво распореден).

Кората свиткајте ја во ролат, свиткајте го во облик на полжав и ставете го во средината од тепсијата, претходно добро намастена. Постапката повторете ја и со останатите кори. Ролатите надоврзувајте ги во круг околу првиот ролат поставен во средината.

Направената пита прекријте ја со кујнска крпа (внимавајте крпата да не ви се залепи за корите, па затоа преку тепсијата поставете дрвени лажици, па крпа) и оставете да одмори 20 минути.

Рерната загрејте ја на 200 степени. Ставете ја питата да се пече. Кога е готова извадете ја, повторно покријте ја со кујнска крпа и оставете ја 10-тина минути да се подизлади.

Потоа исечете ја и послужете ја. На ист начин може да се направи и прелив за слатка пита, само што наместо сол се става шеќер.

Фотографии и рецепт на Верица Николиќ