Фото и рецепт: Валентина Чиш-Лукаревски
Ова на фотографијата е направено од две дози за голем плех од рерна, а подолу се дадени состојките за една доза, доколку сакате да ја правите во калап за торти.
Потребни состојки:
300 г брашно
100 г шеќер
100 г маст или маргарин/путер
1 прашок за печиво
3 жолчки
малку млеко по потреба
за фил:
1,5 кг јаболка +-
2 ванилин шеќер
3 белки
шеќер по вкус (околу 30 г)
малку цимет по вкус
Постапка:
Од сите наведени состојки, со постепено додавање на малку млеко, се замесува средно по мекост тесто. Не треба да биде ни премногу меко, ни премногу тврдо.
Прво путерот изматете го со шеќерот, па потоа додадете ги жолчките една по една, па останатите состојки. Ставете го во кеса и оставете го во фрижидер да се олади околу половина час.
Тестото се дели на два еднакви делови од кои се развлекуваат кори. Првата се развлекува според величината на плехот и се става во претходно намастен и набрашнет плех. Со виљушка избоцкајте го.
За фил: јаболката се рендаат претходно излупени и исчистени од семки и се зачинуваат со малку цимет по вкус и ванилин шеќер (и шеќер по вкус, околу 30 г).
Белките пенасто се матат со малку шеќер по вкус, па во нив се додаваат јаболката и се промешуваат. Филот рамномерно се распоредува врз првата кора.
Втората кора се развлекува исто како и првата, а пото се сече на ленти со широчина од околу 2 см. Лентите се распоредуваат врз филот, како што е прикажано на фотографијата, прво ги редите во еден правец, а потоа во контра насока.
Питата се става да се пече во претходно загреана рерна на 200-180 степени, додека убаво да зарумени, околу половина час.
Фото и рецепт: Валентина Чиш-Лукаревски