Питата со јаболка ја сакаме најмногу дома и често ја правам секоја година за престојните празници. Додека се пече целата куќа ни мириса прекрасно како да сум освежила со некое етерично масло.
Има фантастичен изглед и се прави без млеко и јајца така што може да ја правите и кога постите. Подетално во рецептот може да видите дали ги имате сите состојки и да си додавате и одземате по вкус.
Потребни состојки: 500 г готови кори за пита, 1 кг јаболка, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка цимет. За шербет: 600 мл вода, 150-200 г шеќер, 4-5 лажици мед (опционално), 1 лимон (опционално). За премачкување: 2 лажици масло и 3 лажици вода.
Постапка: Оваа пита со јаболка е многу вкусна и прво го правиме шербетот за да може добро да се излади додека се подготвува питата. Во подлабок сад ставете 600 мл вода и додајте го шеќерот. Јас користам кафеав шеќер, но може да користите и бел.
Потоа додавам мед, но не мора да ставате ако не сакате. Мене многу ми се допаѓа аромата на медот.
Малку се промешува па се става на рингла да се вари околу 15 минути по зовривање. Сирупот треба да стане малку леплив и помеѓу прсти да биде како масло.
Во сирупот ставам и парчиња лимон, доволно е 1 лимон, но исто како и медот, не мора да додавате. Јаболката добро би било да се малку киселкасти, но може и обични благи. Излупете ги и отстранете им ги семките и изрендајте ги.
Во јаболката ставете 1 лажица шеќер, не додавајте повеќе особено ако јаболката ви се многу благи, а и шербетот има доста шеќер во него.
Потоа додајте половина или 1 лажиче цимет, измешајте, а во оваа смеса може да додадете мелени или сечкани ореви.
Јас ја правам питата што поедноставна. Првата кора премачкајте ја со масло, ставете одозгора втора кора, исто намастете ја и тука може да додадете на крајот од кората еден ред од филот.
Ако сакате питата да ви биде подебела тогаш тоа направете го на третата кора. Завиткајте во тенок, цврсто стегнат ролат и редете во намастен плех. Некој јаболките претходно ги динста, но јас мислам дека нема потреба бидејќи се печат отпосле.
Истата постапка повторете ја и со останатите ролати, а пред да ставите на печење пресечете со нож помали ролнички, па одозгора премачкајте со смесата за премачкување од масло и вода.
Печете во претходно загреана рерна на 200 степени околу 30 минути.
По печењето се прелива со шербетот и питата е супер, не е воопшто многу блага затоа не ја менувајте количината на шеќер. Јаболката супер се чувствуваат и е превкусно. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото OВДЕ.