Рецепт и презентација на Том Филос – Пита со јаболка. Права старинска пита со јаболка како што порано ја приготвувале: се замесува средно меко тесто кое се дели на два дела. Од секој дел се развлекува кора која се премачкува со путер или маргарин (за посна варијанта) и се дипли кората како за лиснато тесто.
Филот е фантастично вкусен со рендани јаболка, сечкани ореви и лимонова кора. Кој сака може да додадете ванилин шеќер или цимет по вкус. Еве што сè ви е потребно за да ја приготвите оваа вкусна пита која ќе ве врати во детството. Потребни состојки:
100 г интегрално брашно, 400 г бело брашно, 1 мала лажичка сол, 1 мала лажчка шеќер, 1 лажичка сув квасец, 280 мл млака вода, 160 г путер, 5 јаболка, лимон, 100 г ореви и уште малку путер и малку шеќер. Постапка: Направете тесто од 100 г интегрално брашно, 400 г бело брашно, по лажичка сол, шеќер и квасец.
Измешајте ги сувите состојки па започнете постепено да ја додавате млаката вода. Месете го тестото додека да започне да се одвојува од ѕидовите на садот, а на крај доработете го на работна површина. Без да чекате да стасува, од тестото формирајте валјак и поделете го на две еднакви половини.
Од секој дел формирате топче. Од секое тесто со помош на оклагија развлечете тенка кора со правоаголен облик. Секоја од корите премачкајте ја со по 80 г омекнат путер. Распоредете го рамномерно преку целата површина. Потоа кората засечете ја на неколку места и здиплете ја како за лиснато тесто (погледни видео).
Вака здиплените теста оставете ги во фрижидер околу половина час. (Постапката се повторува и за второто тесто). За тоа време пригответе го плехот со димензии 35х27 см или приближно: намастете го добро со путер. Јаболката измијте ги со ладна вода, излупете ги, отстранете им ги семките и изрендајте ги.
Во ренданите јаболка додадете и ситно рендана кора од еден лимон. Во мешавината исто така, додадете и 100 г мелени или ситно сечкани ореви. Мешавината промешајте ја и оставете ја на страна. Земете го првото лиснато тесто и врз набрашнета работна површина развлечете го во кора со правоаголна кора.
За големината на кората треба да се раководите според димензиите на плехот во кој ќе се пече штрудлата. Ставете ја кората во намастениот плег, а одозгора распоредете го филот од јаболка. Развлечете го и второто тесто на ист начин. Ставете го врз филот од јаболка и добро притиснете го на краевите за да се соедини со долната кора.
Врз вака приготвената пита одозгора наредете парчиња путер и наросете преку целата површина кристален шеќер. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 220 степени околу половина час. печена е кога убаво ќе зарумени одозгора а шеќерот заедно со путерот ќе се карамелизира (внимавајте да не ви загори).
Извадете ја питата од рерна, испрскајте ја со малку вода и покријте ја со кујнска памучна крпа. Оставете ја вака малку да излади. Потоа исечете ја и обилно наросете ја со шеќер во прав. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.