Вкусна пита со тиквички и сирење, одлична за секакви пригоди!
Потребни состојки: 1 пакување готови кори, 5-6 тиквички, 500 г кравјо сирење, 5 јајца (3+2), 5 лажици кисела павлака (2+3), 1 лажица гриз, 1 лажичка прашок за печиво, вегета, сол, црн пипер
Постапка: тиквичките излупете ги и изрендајте ги. Оставете ги посолени да отстојат 15-тина минути, па исцедете ги со раце. Измешајте го сирењето со три јајца, 2 лажици кисела павлака и една лажица гриз. Зачинете по желба.
Можете да користите вегета, но ако не сте љубител можете да зачините со сол и црн пипер. Во калап премачкан со путер ставете еден лист кора и врз него распоредете прво рендани тиквички, па смеса од сирење.
Ставете втора кора која лесно со рацете ќе ја изгужвате во величина на калапот во кој ќе печете. Постапката повторувајте ја додека имате состојки. Завршете со кора која треба да биде рамна и исечена според величината на калапот доколку е поголема.
Залијте со мешавина од 2 јајца и 3 лажици кисела павлака, па исечете на коцки со помош на остар нож за да можат јајцата убаво да се распоредат во внатрешноста. Печете во рерна на 180 степени околу 30 минути додека да добиете златно жолта боја. Малку изладете и послужете.