ПИТА ОД ЈАБОЛКА И ОРЕВИ СО ГОТОВИ КОРИ, брзо и едноставно, повкусна е од баклава. Рецепт на Мој Агол. Вкусна пита со јаболка, толку е сочна, а штом ќе ја пробате ќе се уверите и вие зошто сите ја сакаат.
Потребни состојки: 500 г тенки кори за баклава, 2 кг јаболка, 200 г шеќер и 100 г мелени ореви. За премачкување: 100 г путер и 50 мл масло. За сируп: 600 г шеќер, 600 мл вода и сок од еден лимон, зачини по вкус..
Постапка: Најпрво се подготвува филот од јаболка. Јаболката добро измијте ги, излупете ги, отстранете ги семките и изрендајте ги. Потоа ренданите јаболка се префрлаат во тенџере на рингла и се додава шеќерот.
Малку се размешува смесата и се остава да се готви на умерен оган. По желба, може да додадете 1 кесичка ванилин шеќер и 1 мала лажичка цимет, како јас што направив, но доколку не сте љубител на циметот може да го изоставите овој чекор.
Се додаваат 100 г мелени ореви. Јаболката се готват со повремено промешување додека да го испуштат својот сок. Филот е готов кога јаболката ќе потемнат и ќе омекнат, а течноста ќе испари. По готвењето, смесата се трга настрана и се остава целосно да се излади.
Подготовка на сирупот: На умерен оган во тенџере се додава шеќерот, водата и лимоновиот сок. Сè се промешува и смесата се остава да се вари 10 минути, а потоа се трга настрана и се остава да се олади.
За премачкување: Во еден сад на рингла додајте го путерот заедно со маслото и почекајте да се растопи и соедини во еднолична смеса. Редење на корите: Во голем плех се редат една по една кора и секоја од нив се премачкува со путерот и маслото.
Постапката се повторува трипати, а потоа на четвртата кора се става 3 супени лажици од филот од јаболка и добро се распоредува по должина на целата кора. Потоа се става нова кора и таа се филува со смесата од јаболка.
Начинот на редење се повторува сè додека да ви останат 4 кори кои треба само да ги редите и да ги премачкувате со путерот и маслото, како на почетокот од редењето. Помеѓу нив се реди кора, па фил, кора, па фил..
На корите на коишто се реди филот од јаболка не се нанесува смесата од путер и масло. Кога ќе завршите со редењето, вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени. Во меѓувреме направете пресеци во дијагонала, исто како кога сечете баклава пред печење.
Питата се пече 50 минути во добро загреана рерна, а по печењето се прелива со шербетот кој треба да биде целосно оладен. Питата се остава некое време да отстои на собна температура пред да се послужи, за добро да го впие сирупот. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.