Пита – пица со два вида сирење, многу вкусно и декоративно, со очи се јаде. Фото и рецепт на Верица Николиќ – Пита со два вида сирење. Ова е нешто помеѓу пита и пица и многу е вкусно. Запишете си го рецептот – откако еднаш ќе го направите, често ќе биде на вашата трпеза.

Фото и рецепт на Верица Николиќ




Тестото е многу вкусно, па можете да го искористите за приготвување и на друг вид печива. Она што е интересно кај оваа пита е плетката на работ од засечените ленти со кои се добива впечатлива и многу декоративна плетенка.

Фото и рецепт на Верица Николиќ




Потребни состојки: 460 г брашно, 2 лажици сув квасец, 1 лажица шеќер, 2 полни кажици масло, 2 полни лажици јогурт, 1 лажичка сол, 1 јајце, 200 мл топло млеко. За фил: 2 полни лажици доматно пире, 1 полна лажица масло, 1 лажичка оригано, 150 г тенко сечкан сув врат, 260 г домашно кравјо сирење, 1 белка, 1 лажичка тимијан, 1 лута пиперка, ½ главица виолетов кромид, маслинки, шери домати, 200 г кашкавал.




За премачкување на тестото: 1 жолчка, 1 лажичка масло, 1 лажица млеко. Постапка за подготовка на тестото: Во длабок сад ставете го тестото, додајте шеќер, сол и квасец. Промешајте со лажица.

Фото и рецепт на Верица Николиќ




Потоа додајте ги маслото, јогуртот, јајцето и млекото, па замесете го тестото. Замесеното тесто обликувајте го во топка, покријте го со проѕирна фолија и оставете го половина час да стаса на собна температура.

Фото и рецепт на Верица Николиќ




Доматното пире ставете го во помала чинија, додајте лажица масло и добро соединете. Кравјото сирење ставете го во подлабока чинија и со виљушка издробете го. Додајте ја белката и тимијанот, па соединете добро со сирењето. Лутото пиперче исечете го на кругови, кромидот на ленти, а маслинките и шери доматите пресечете ги на половинки.




После половина час стасување, тестото истресете го на набрашнета подлога и прво со раце развлечете го во круг, а потоа продолжете со оклагија. Треба да се добие кора со пречник од 40 см.




Развлечената кора префрлете ја на хартија. Во средината од тестото ставете чинија со пречник од 29 см. Делот од кората кој не е поклопен со чинијата исечете го на тенки ленти со широчина од 1,5 см. Тргнете ја чинијата.

Фото и рецепт на Верица Николиќ




Земете една лентичка, подигнете ја и префрлете ја преку средишниот круг налево. Потоа следната лента префрлете ја преку неа, на десната страна. Една лента прескокнете, па следната префрлете ја на десно, а прескокната лента преку неа кон лево како на сликата.

Фото и рецепт на Верица Николиќ




Внатрешната страна на кругот притискајте ја со прстите, за да не се подигнат лентите при печењето, а целата средина од кругот избокцајте ја со виљушка. Прекријте го тестото со кујнска крпа и оставете го да стаса половина час.




Потоа внатрешноста од тестото премачкајте ја со мешавина од доматен сос и масло. Наросете со оригано. Наредете сув врат или било што сувомеснато. Одозгора наредете домашно сирење, луто пиперче, кромид, маслинки и шери домати.

Преку сето тоа наросете крупно изрендан кашкавал. Краевите од тестото премачкјате ги со мешавина од жолчка, малку млеко и масло. Ставете ја питата да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени. Питата печете ја додека тестото да добие убава румена боја (околу 25 минути).