Направете многу вкусни и сочни пилешки ражничи со сланина како да излегле од најдобрата кафеана, а можеби и уште подобри. Колку и да направите сите до едно се јадат, а секој бара репете. Пригответе ги по овој едноставен рецепт:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г пилешко филе / бело месо, 200 г сланина исечена на тенки лентички, сол и црн пипер по вкус, малку алева пиперка во прав. Може да додавате и зачини и зачински билки по ваш вкус.
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г пилешко бело месо, 1 голема свежа пиперка, 1 голема главица црвен кромид, 2 големи моркови, околу 300 г сланина, 1 лажичка сув зачин (вегета) и кари, прстофат црн пипер, 20 мл масло, 10 дрвени стапчиња за ражничи
ПОСТАПКА – РЕЦЕПТ 1: Сланината исечете ја на тенки лентички, а доколку немате специјална машинка, замолете во месарницата да ви ја исечат. Ќе ви биде потребно околу 200 г сланина, но вие земете малку повеќе, зошто од мое искуство секогаш малку ми недостига.
Пилешкото месо измијте го под млаз ладна вода, исцедете го, а потоа избришете го со хартиена салветка од вишокот вода. Исечете го на поголеми коцки или ленти, како за ражнич. Сите потребни зачини измешајте ги во еден помал сад, а потоа наросете ги врз месото.
Измешајте добро, најдобро со раце за да може еднакво да се распоредат зачините насекаде на секое парче месо. Секоја коцка месо обвиткајте ја со тенка лента сланина. Ако лентата сланина е долга, тогаш скратете ја.
На секое дравено стапче за ражнич набоцкајте по четири парчиња роловано месо. На загреана скара наредете ги ражничите и печете ги од двете страни по пет минути. Месото послужете го со комбинација од компир, ориз или варен зеленчук, но не заборавајте ниту на салатата. Ако пак ражничите ги сакате со зеленчук, тогаш применете го следниот рецепт на Манчи:
ПОСТАПКА – РЕЦЕПТ 2: Месото исечете го на коцки. Додајте малку масло, зачините и малку црвен кромид, па добро измешајте и оставете покриено во фрижидер да отстои неколку часа. Пиперката и кромидот исечете ги на коцки, а морковот на тркалца и малку проварете ги да омекнат. Сланината исечете ја не тенки ленти.
РЕДЕЊЕ: На дрвеното стапче ставете пиперка, морков, кромид, па месо завиткано во сланина, и на истиот начин повторувајте ја постапката додека да се потроши материјалот. Вака приготвените ражничи печете ги во тава, најдобро во грил-тава сè додека да заруменат од двете страни. / Сооlinarika.соm