Ниту еден доктор, колку и да е квалификуван и образован не може да си ја замисли работата без помошта на медицинската сестра. Таа има еднакво важна улога во мислијата “спасување човечки животи” исто како и докторот, и нејзините услуги се едноставно незаменливи.
Благодарам, затоа што “бдеете” над хоспитализираните болни 24 часа на ден
Во текот на ноќните смени и лекарите и медицинските сестри се грижат за здравјето на хоспитализираните болни. Но, лекарите интервенираат само тогаш кога е неопходно, во останатите случаи одмораат во своите кабинети чекајќи да бидат повикани од сестрата.
Сестрата пак, во текот на целата ноќ има за задача да ги обиколува болните, да дава анелгетици, таблетки за смирување или било што друго кое е потребно за пациентот да се чувствува што е можно по конфортно во својата соба. Таа многу ретко има можност да ги одмори нозете без разлика на тоа што работи трета смена. Ова е особено потенцирано кај сестрите кои работат во терциелното здравство и имаат премногу пациенти.
Благодарам, затоа што сте имуни на промените на расоложението на пациентите
Болниот човек многу често поради својата болест има промени во расположението, некогаш пациентите се депресивни, некогаш бесни, некои имаат изливи на агресија… Лекарите исто така се подложни на овие промени, но сестрите кои се во постојан контакт со пациентот често директно се засегнати од неговата состојба. Многу често сестрата е навредувана па дури и понижувана од пациент кој е во тешка здравствена состојба. Тие скоро никогаш не се жалат за тоа, ставајќи ја својата гордост после хуманоста, обидувајќи се да ја разберат причината за агресија на пациентот, и за ова заслужуваат големо благодарам.
Благодарам, за вашата улога како секретарка и добар административен работник
Несомнено болниците се полни со администрација. Многу податоци, детали, истории и што ли уште не, кои мораат да ги работат и лекарите и сестрите. Многу често на сестрите им е дадена онаа “најдосадната” работа, пополнување на генералии или слични пресметки кои мораат да ги сработат. Тие никогаш не протестираат за ова иако тоа не е нивната главна работа.
Благодарам, затоа што без приговор ги работите и “најспецифичните” работи поврзани со пациентот
Докторите се хумани во својата работа и сносат голема одговорност и мака додека да станат тоа што се и ова е факт, но сестрите пак ја работат и најспецифичната работа околу пациентот. Физиолошките потреби на пациентот мора да бидат завршени, бањање, одржување на нега на кожа, чистење и многу други работи поврзани со приватноста на еден тешко болен пациент мора да ги завршува сестрата, што ќе признаете е навистина тешка и доста “специфична” работа која не би можел секој да ја работи.
Благодарам, затоа што сте отпорни на притисокот од лекарите
Секој лекар е човек, кој има различен менталитет. Факт е дека сестрата е пониско во хиерархијата, па ова е причина за дополнителен терет на сестрата. Таа е должна да ги извршува обврските зададени од лекарот, лекарот често поради обврските знае да биде нерасположен и раздразлив што директно се одразува на сестрата. Таа скоро никогаш не протестира за тоа и секогаш го надминува тој проблем, иако често не фер се постапило кон неа. За ова како и за сите останати работи заслужува огромна благодарност.
И лекарите и сестрите се незаменлив дел од здравството. За тоа да функционира одлично потребна е солидна хармоничност во односите лекар-сестра, сестра-пациент и лекар-пациент, што често знае да биде тешко поради оптеретеноста и преголемите обврски во денот. Затоа заслужено треба да им кажеме благодарам на сестрите кои често се подложни на неправдини свесно или несвесно нанесени од двете страни.
Потребно е да ги почитуваме исто колку и докторите бидејќи и тие се незаменлив дел во мисијата “да се спасат човечки животи”.
Автор Роберт Николовски
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување на други портали-