I РЕЦЕПТ: Пердувест леб кој не се меси, се меша со лажица / Фотографија и рецепт на Бранкица Крстиќ
Со овој рецепт добивате фантастично мек и вкусен леб за кој нема потреба од напорно месење и премесување. Сите состојки ги мешате со лажица, оставате да стаса, а потоа тестото го печете под капак во рерна. Не може да не ви успее!
Потребни состојки: 200 млака вода, 1 кесичка сув квасец или 20 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 700 г брашно, 2 лажички сол и 350-400 мл млака вода
Постапка: во 200 мл млака вода разматете една кесичка сув квасец или 20 г свеж квасец и една лажичка свеж квасец. Промешајте убаво и оставете 10-тина минути да се активира квасецот. Во поголем сад ставете 700 г брашно и две лажички сол, па малку промешајте со лажицата.
Додајте го активираниот квасец и уште 350-400 мл млака вода. Водата додавајте ја постепено, а количината секако зависи од самото брашното. Убаво со лажицата промешајте. Не се меси! Поклопете со било што и оставете тестото да стасува 45-60 минути за да ја удвои величината.
Вклучете ја рерната да се загрева на 250 степени и во неа веднаш ставете го тенџерето обложено со хартија за печење. Внимавајте тенџерето да нема некои пластични или силиконски делови.
Кога рерната убаво ќе биде загреана на 250 степени, извадете го тенџерето и во него истресете го тестото. Внимавајте да не се изгорите, користете заштитни ракавици. Одозгора малку наросете брашно (еден прстофат).
Ставете капак и печете половина час. После тоа тргнете го капакот и печете уште 15-20 минути. нема шанси да не ви успее! / Фотографија и рецепт на Бранкица Крстиќ. Погледнете го и вториот рецепт за вкусен леб без месење:
II РЕЦЕПТ: Леб што не се меси со рака – состојките се мешаат со дрвена лажица / Фотографија и рецепт на Анета Секуловска
Потребни состојки: 450-500 г брашно, 340-350 мл вода, 1 квасец, 1 – 1 ½ лажиче шеќер, 1 лажиче сол, 50 мл масло (околу 1 – 2 супена лажица, маслиново или обично масло)
Постапка: ова е вид на леб кој не се меси со рака, а состојките само се мешаат со дрвена лажица додека убаво да се соединат во компактно тесто и треба да стои покриено во тенџере, околу еден час.
Тестото е меко и лепливо, па кога е стасано се префрла на платнена крпа која е наросена со брашно, па со крпата се оформува и се префрла во огноотпорен сад обложен со хартија за печење и одозгора се поросува со брашно.
Треба да има капак. Се остава 10-тина минути да стаса. Се пече на 220 – 200 степени околу 30-45 минути, во зависност како ви пече рерната. На сред печење може да се премачка со млака вода, доколку сакате да имате крцкава кора. Кога е печено се попрскува со вода и се витка во памучна крпа.