Рецептите со пиперки се секогаш добредојдени, бидејќи обезбедуваат евтини, а многу вкусни оброци кои може да се јадат во кој било период од годината. Пиперките приготвени со павлака може да се јадат за појадок, вечера, како прилог на главното јадење, но и како мезе или закуска.




Кога еднаш ќе ги пробате ќе бидете воодушевени и често ќе ги приготвувате. Ќе ви откриеме различни начини како да ги приготвите, може да ги пржите во тава на рингла или да ги печете во рерна, па кој начин повеќе ви одговара, тој одберете го. Ви гарантираме совршен вкус со секој од овие рецепти. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 пиперки бабури, 50 мл масло, сол и црн пипер по вкус, 3 – 4 чешниња лук и 200 г кисела павлака. ПОСТАПКА: Пиперките измијте ги, па со виљушка боцнете ги на 5-6 места.




Не ги боцкајте само со врвот, туку убаво пројдете до крај да се направат мали дупчиња, а на тој начин пиперките нема да прскаат од тавата додека ги пржите. Во тавата ставете малку масло, вклучете ја на средна температура и наредете ги пиперките (оставете им ја дршката, а ако е многу долга само малку поткастрете ја).




Поклопете ја тавата и оставете 10-тина минути, додека маслото да се загрее и се испржат пиперките од едната страна. Потоа тргнете го капакот, свртете ги пиперките и испечете ги од сите страни рамномерно.




Кога пиперките ќе се испечат, тргнете ја тавата од оган, па секоја фатете ја за дршката и исечете ја од средината надолу за да излезе сокот внатре во тавата или во некој друг сад по ваш избор. Посебно измешајте ги павлаката, ситно исечканото лукче и солта (зачинете по вкус), па со лажица преливајте ги пиперките убаво да навлезе сосот во нив.




После пет минути свртете ги пиперките за да може павлаката да се помеша со нивниот сосот што го испуштиле, па уште еднаш убаво натопете ги или промешајте ги. Одозгора наросете со ситно сечкан магдонос, но може и така да ги послужите, многу се вкусни. На сличен начин можете да ги приготвите и во рерна според вториот рецепт:




РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8-10 големи меснати црвени пиперки, сол и црн пипер по вкус, малку масло, 200 г кисела павлака. ПОСТАПКА: Пиперките наредете ги во големиот плех од рерна обложен со хартија за печење.




Ставете ги да се испечат во добро загреана рерна и по потреба превртете ги. Кога ќе бидат печени ставете ги во подлабок сад и поклопете ги за да се „спурат“ од пареата, а подоцна полесно да се излупат. Кога малку ќе отстојат исчистете ги од лушпата и семето, па исечете ги на ленти.




Пропржете ги на малку масло за да испари течноста која ќе ја испуштат и да добијат на вкус. Потоа додајте една чаша кисела павлака и зачинете по вкус, па убаво соединете и динстајте уште неколку минути. Наместо кисела павлака може да ставите и неутрална течна павлака за готвење и една рака рендан кашкавал. Многу вкусно и едноставно јадење кое може да се јаде топло или ладно. / Сооlinarika.сom