Бесквасното тесто се покажало како едно од најдобрите при подготовката на панцеротите. Овој рецепт го имам со години и уште ми е еден од најомилените. Многу се вкусни дури и следниот ден остануваат многу меки и свежи, но ретко кога останува, обично кога ќе ги подготвам, сите се јадат во еден ден.
На маж ми и мајка ми им се омилени со мелени месо, а по желба може да ставите и сирење, кашкавал, кечап, ајвар, печурки, маслинки, сувомеснато…Идеите се бесконечни, експериментирајте со филот и направете ги највкусните панцероти според ваш вкус.
Обично од страна ги послужувам со луто пиперче и сѐ е совршено. Ова е едно од оние јадења за кои маж ми ми вели дека најубаво се има најадено. Тестото се меси кратко време бидејќи не содржи квасец и затоа е одлично и за оние кои се почетнички во кујната. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 1 чаша млеко (200 мл), 1 чаша вода, 1 кесичка сода бикарбона (10 г), 4,5 чаши брашно (540 г), 1 мала лажичка сол (8 г). За филот: 400 г мелено месо (чисто или мешано), ситно сечкан магдонос, 2 главици кромид, 1 мала лажичка сол, 1 мала лажичка црн пипер, 100 мл вода (1/2 чаша).
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад сипете го млакото млеко, додајте ја водата на собна температура, па сода бикарбоната. Измешајте со дрвена лажица или маталка додека состојките да се соединат, па потоа започнете постепено да го додавате брашното.
Мешате го брашното во течностите како што го додавате постепено, па додајте ја солта и замесете меко и фино тесто кое треба да биде нелепливо. Кога убаво ќе го замесите тестото, вратете го во садот каде што првично го замесивте, покријте го со проѕирна фолија и памучна крпа и оставете да одмори 10-тина минути.
По изминатото време, тестото истресете го на работна површина и обликувајте го во подебел валјак, па поделете го на 12 еднакви делови, а потоа без да ги одделувате од тестото, поделете ги на половина за да добиете 24 помали делови (ќе добие толку многу панцероти). Секој дел формирајте го во топче, а потоа редете ги топчињата на рамна чинија и оставете да одморат уште неколку минути додека го подготвувате филот.
За филот: Меленото месо ставете го во подлабок сад (не мора да го пржите претходно), додајте ситно сечкан магдонос и 2 главици ситно сечкан кромид. Соединете ги состојките со лажица додека да се формира компактна смеса и зачинете по вкус со сол и црн пипер.
Секое топче тесто развлечете го со оклагија во тенок круг. На едната половина редете по малку од филот, а потоа преклопете со празната половина одозгора. Кога ќе го затворите тестото, залепете го со помош на виљушка, така што ќе се добијат на изглед декоративни линии на краевите.
Вака подготвените панцероти пржете ги во длабоко и загреано масло, по неколку минути додека да поруменат од двете страни, а потоа вадете ги на чинија со хартија за да се впие вишокот масло. Послужете ги топли. Панцеротите можат и да се печат, а ако ви се многу, дел од нив може да ги замрзнете. Деталите погледнете ги ОВДЕ.