Веруваме дека секој човек си има некоја своја омилена торта, а според популарноста во цел свет и според оставените коментари, се чини дека Панама тортата на многумина им е најдрага.
Постојат неколку верзии, а ние ќе ви ги претставиме двете најдобри. Можете да си комбинирате, на пример бисквитот од еден рецепт, а филот од друг рецепт, па да создадете своја верзија на оваа прекрасна Панама торта. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8 јајца, 200 г шеќер, 100 г чоколадо, 160 г бадеми или ореви, 100 г брашно, 1 кесичка ванилин шеќер, прстофат сол, 1 кесичка прашок за печиво.
За фил: 4 јајца, 150 г шеќер, 150 г чоколадо, 250 г маргарин, 3 лажици рум. За глазура: 100 г чоколадо, 80 г маргарин, 2-3 капки масло
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 7 јајца, 1 кесичка ванилин шеќер, 150 г шеќер, 25 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 1 прстофат сол, 150 г чоколадо за готвење, 150 г мелени лешници.
За крем: 150 г мек путер, 50 г шеќер во прав, 2 јајца, 100 г чоколадо (60-70% какао). И уште 25 г мелен бадем или лешник
ПОСТАПКА за рецепт 1: Изматете ги жолчките со шеќерот додека тој да се растопи (5-8 минути), па кога ќе згусне постепено додајте го растопеното чоколадо.
Потоа мешајте со лажица и додајте ги останатите состојки: мелените бадеми, брашното и на крај кога сето ќе го соединете во еднолична смеса, додајте го снегот од белки.
Снегот од белки додавајте го полека, лажица по лажица и мешајте со превртување на смесата за да остане пенлива. Тестото распоредете го во калап (26 см) или плех обложен со хартија за печење, во загреана рерна на 180 степени, 20-тина минути.
Пред крај покријте го со хартија за да има убава боја. Оставете да се олади, па пресечете ја на три дела (или два) (за три бисквити).
За фил: јајцата изматете ги со шеќерот додека да згуснат, па ставете ги на пареа и гответе ги со непрекинато мешање (5-6 мин), па пред крајот додајте го чоколадото искршено на коцки.
Кога кремот целосно ќе се изедначи тргнете го настрана и оставете го целосно да се олади до собна температура, со повремено промешување за да не фати коричка.
Пенасто изматете го путерот омекнат на истата собна температура, па во него додајте го румот и оладениот крем, лажица по лажица додека непрекинато матите со миксерот.
Тортата филувајте ја: бисквит, фил, бисквит, фил, па прелијте со глазура (растопете го маргаринот на тивок оган, па додајте го чоколадото и маслото и мешајте додека да се растопи).
Следи постапката од вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: растопете 150 г чоколадо на пареа или во микробранова печка. калап за торти (24 или 26 см) намастете го со путер и ставете хартија за печење на дното.
Вклучете ја рерната на 160 степени. Јајцата изматете ги со најголема брзина 1 минута. Додајте го шеќерот и матете уште 2 минути.
Додајте го брашното со прстофат сол и прашок за печиво (просеани), растопено чоколадо и лешници (или бадеми) и мешајте полека со лажица додека да се оседини.
Излејте ја смесата во подготвениот калап и печете 50-тина минути (проверете со чепкалка). Бисквитот оладете го на решетка, па поделете го на две тенки кори.
Растопете 100 г чоколадо. Путерот (омекнат на собна температура) пенасто изматете го, па постепено додавајте го шеќерот и јајцата на собна температура. Добро изматете да се изедначи, па постепено додавајте го растопеното чоколадо.
Ова е според оригиналниот рецепт (со сирови јајца), но оваа верзија може да се замени и јајцата да се изматат со шеќерот и да се сварат на пареа, да им се додаде чоколадото, па во оладениот крем да им се додаде изматен путер.
Редење: кора, фил, кора и со преостанатиот фил се премачкува цела кора. Со виљушка се прават шари на горната површина, а на страните се налепуваат мелени бадеми или лешници. / Сооlinarika.сom