Овој леб толку многу ме воодушеви, што не сакам да испробувам други рецепти. Тестото се подготвува многу брзо, не се чека многу да отстојува, а се добива голем леб кој е многу мек, како памук. Тестото е толку добро, а тајната е во тоа да не го месите премногу за да си остане мек. Доволно е само да ги соедините состојките и потоа да го филувате.
Овој „полнет леб“ се сече на многу убави парчиња, како за пица, а потсетува и на затворена пица или полнета погача. Направете го и уверете се сами. Моите гости беа воодушевени од лебот и го изедоа за 5 минути, а не останаа ниту трошки од ова вкусно јадење. Толку е добро што може да си го подготвите и за ручек или вечера, без да послужувате нешто друго. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТОТО: 1 лажица гранулиран шеќер (20 грама), 1 лажица сув квасец (10 грама), 1,5 чаши топло млеко (300 мл), 1 јајце, 50 г растопен путер, 1 лажичка сол (8 грама), 5 чаши брашно (600 г). ЗА ФИЛОТ: 2 компири, 2 лажици масло (20 мл), 1 лажичка мелен црвен пипер, црн пипер, суво и сол, 50 г рендан чедар кашкавал или некој друг тврд кашкавал.
ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 1 жолчка од јајце, црн/бел сусам и црно семе-ким, малку магдонос. Забелешка: Филот може да го подготвите и по сопствен вкус, на пример да ставите шунка, кашкавал, маслинки, сирење… Во овој рецепт се подготвува од компир и кашкавал, излегува многу кремасто.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад активирајте го квасецот така што ќе го прелиете со 1,5 чаша млако млеко и ќе додадете 1 лажица шеќер. Измешајте ги состојките со жица/маталка и оставете квасецот да се активира. Кога смесата ќе набубри, додајте 1 јајце, 50 г растопен путер и повторно сѐ измешајте до соединување. На крајот се додава брашното (300+300 г).
Додајте ја првата половина брашно, измешајте ги состојките нежно со шпатула, посолете со 1 лажичка сол, па додајте ја втората половина брашно. Брашното претходно не е задолжително да се просејува. Замесете фино и меко тесто, за кое не е потребно многу месење, доволно е да се соединат состојките, да биде компактно и да не се лепи под прсти.
Вака замесеното тесто, оставете го во садот каде што го замесивте, покријте го со крпа и ставете го на некое топло место да стасува околу 30-тина минути. Во меѓувреме подгответе го филот. ЗА ФИЛОТ: Компирите измијте ги под млаз вода, исушете ги и излупете ги. Потоа, исечкајте ги на коцки и ставете ги во тенџере, па прелијте ги со вода. Сварете ги компирите околу 10-15 минути, додека да омекнат.
Процедете ги од водата и изгмечете ги во пире. Пирето зачинете го со сол, црвен и црн пипер и малку суво нане или некој друг билен зачин. Соединете и оставете го настрана да се олади. Откога тестото ќе ја удвои својата големина, замесете го уште малку во садот, па префрлете го на набрашнета, рамна површина и поделете го на два еднакви делови. Секој дел обликувајте го во топче, не мора да отстојуваат.
Започнете да го развлекувате првото топче, со оклагија, колку што можете повеќе. Како мерка користете некој голем кружен или квадратен плех, каде што лебот ќе се пече. Јас користев кружен, но многу низок плех. Плехот премачкајте го со маргарин на дното и од страните, па развлеченото тесто кое соодветствува на големината на плехот ставете го одозгора.
Филот, кој треба да биде оладен премачкајте го преку првото тесто и израмнете, па одозгора наросете го со рендан кашкавал. На истиот начин развлекувајте го второто тесто и ставете го преку филот со првото тесто. Залепете ги краевите на првото и второто тесто така што од горното тесто ќе ги здиплите кон дното на плехот. Затворете го тестото убаво за при печење филот да не се излее.
Премачкајте го тестото со 1 разматена жолчка, па на средина со чаша направете еден круг. Од кругот кон краевите сечете линии (како за пица) да се формираат триаголни парчиња од лебот. Одозгора декорирајте со семки по ваш избор и малку сечкан магдонос. Лебот се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 30 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.