I РЕЦЕПТ – Мафини со јагоди – брзо и едноставно, мерки на чаша
Рецепт и видео презентација на „Да готвиме лесно“ – Превкусни мафини кои се приготвуваат од состојки кои веќе ги имате дома. Наместо јагоди можете да употребите парчиња чоколадо или некое друго овошје какво имате дома.
Потребни состојки: 2 јајца, 1 ванилин шеќер, 1 чаша ( од 200 мл) шеќер (200 г), 1 чаша јогурт, ½ чаша масло (100 мл), 1 ½ чаша брашно (200 г), ½ прашок за печиво (6 г), 150-200 г јагоди, малку шеќер во прав за наросување одозгора и 12-14 калапи за мафини/хартиени корпи
Постапка: двете јајца пенасто изматете ги со миксер. Додека ги матите постепено додавајте го шеќерот за да може убаво да се растопи и соедини со јајцата. Кога смесата ќе згусне и побели додајте 1 ванилин шеќер, 1 чаша јогурт и половина чаша масло.
Изматете добро со миксерот за да се изедначат состојките. Потоа додајте го брашното и прашокот за печиво. Продолжете да матите со миксерот со намалена брзина додека да се разбијат грутчињата од брашно и да добиете мазна изедначена смеса како за пандишпан.
Во калап за мафини ставете хартиени корпи. Полнете ги 2/3 со смесата. Оваа смеса ќе ви биде доволна за 12-14 мафини. Ако немате хартиени корпи, тогаш калапите добро намастете ги со путер за да не се залепат колачите. На страна измијте и исчистете 150-200 г јагоди, а потоа исечкајте ги ситно. Врз секој мафин ставете по еден грст сечкани јагоди.
Вака приготвените мафини ставете да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, околу половина час. Во текот на печењето тие ќе нараснат. Печените мафини оставете ги малку да изладат, а потоа одозгора наросете ги со шеќер во прав. Деталите околу постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ – Совршени мафини со чоколадо и вишни – ги правам на секои 4 дена, предобри се! Многу едноставни и вкусни, често ги правам.
Потребни состојки: 2 јајца, 200 мл јогурт, 160 мл масло, 1 чаша (од 200 мл) шеќер, 2 чаши (од 200 мл) брашно, 2 ванилин шеќер, 1 прашок од печиво, 100 г црно чоколадо и 300 г вишни
Постапка: Изматете ги јајцата со шеќерот и ванилин шеќерот додека да се растопи, па додајте јогурт и масло. Брашното измешајте го со прашок за печиво, па соединете го со изматената смеса.
Чоколадото исечкајте го на коцкички, па додајте ги во смесата и промешајте со лажица. Додајте 2/3 вишни претходно исцедени од сокот и наросени со лажица шеќер. Смесата ставајте ја во калапи по желба: ако се силиконски нема потреба да ги намастувате, а другите намастете ги со путер или ставајте хартиени корпички.
Врз секој мафин боцнете по неколку вишни. Печете ги 20-тина минути на 200 степени. Послужете по желба, со растопено млечно чоколадо со лешник, или некој друг овошен прелив. / Coolinarika.com