Ако сакате да направите убав и вкусен ручек кој нема да ви одземе многу време, тогаш подгответе го ова јадење. Рецептот го најдов неодамна и уште кога го видов, посакав веднаш да го направам. На вкус е преубаво, а нема многу да се потрошите со неколку состојки кои ќе бидат доволни да поминете еден ручек со вашата фамилија.




Обично оризот го подготвуваме печен во рерна со ситно сечкано пилешко, со малку морковче и грашок. Со истите состојки направете го ова јадење со телешко месо, без да ја вклучувате рерната. Сѐ што ви е потребно е едно поголемо тенџере и рингла за да се зготви, а еве кои намирници ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 чаши ориз (480 грама), 4 чаши врела вода (800 мл), 1 морков, 120 г пченка, 150 г грашок, 900 г говедско месо, 1 главица кромид, 2 чешниња лук, путер 80 + 20 (вкупно 100 грама), 1 лажица доматна паста (30 грама), 1/2 лажичка мајчина душица, 1 лажичка црвена зачинска пиперка, 1/2 лажичка црн пипер, 1/2 лажичка сол.




ПОСТАПКА: Еден подлабок сад како цедалка ставете го врз друг подлабок сад. Во цедалката ставете го оризот, вкупно 480 г, па прелијте со вода. Малку промешајте и оставете го оризот да се измие во водата неколку минути. Потоа, процедете, па врз друг сад или истиот измиен, додека оризот е уште во цедалката, прелијте со зовриена вода. Зачинете по вкус со 1,5 лажица сол и промешајте.




Оставете го оризот да се зготви околу 15-тина минути во водата. Во меѓувреме започнете со подготовка на месото. Месото исечкајте го на ситни коцки, со големина по ваша желба. Во поголемо тенџере на рингла ставете го месото да се пропржи во малку масло, па покријте со капак. Кога месото ќе ги пушти своите течности, тогаш тргнете го капакот, па со повремено мешање гответе на ниска температура додека течностите да испарат.




Потоа, исечкајте го морковот на ситни коцки. Соединете во еден сад со пченката и грашокот. Пченката и грашокот не мора претходно да бидат сварени. Процедете ја водата од оризот, па во него додајте ги морковот, пченката и грашокот. По желба, одземете или додадете некој друг зеленчук по вкус. Измешајте ги состојките. Во пропрженото месо по потреба додајте уште малку масло.




Кромидот исечкајте го на многу ситни парчиња, а лукот исечкајте го тенко на листови или поминете го низ преса. Додајте ги кромидот и лукот во месото, па ставете го и путерот. Повремено промешувајте додека кромидот да омекне и заедно со лукот да ја испуштат својата прекрасна арома. Зачинете по вкус со сол, црн пипер, оригано, црвена зачинска пиперка, сува мајчина душица и други зачини, па на крајот додајте ја доматната паста и измешајте.




Распоредете го месото низ целата површина на тенџерето, па одозгора прелијте го оризот со зеленчуците. Натапкајте го оризот во тенџерето, но не го мешајте со месото. Кога го правите ова, можете тенџерето да го тргнете од рингла. Оризот треба да биде добро натапкан (како на сликата), всушност како да израмнувате фил за некоја торта. Врз оризот прелијте со 800 мл зовриена вода.




Водата не ја сипајте директно врз оризот бидејќи може да ви се распадне, додавјте ја на поголема лажица, а преку лажицата нека тече на оризот. 20 г путер поделете го на коцкички и ставете го во водата.

Покријте со капак и гответе на ниска температура додека целата вода да се апсорбира во оризот. Потоа, тргнете од рингла и оставете да отстои под капак уште 30-тина минути. Внимателно превртете на рамна чинија и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.