Тетка ми која живее во село блиску до нас, има доста вешти раце и секогаш умее да зготви необично и богато јадење, без да се потроши многу. Со сопругот ги обожаваме нејзините јадења и едвај чекаме да нè викнат кај нив на гости за да јадеме од нејзините оброци.
Следниот рецепт може да го приготвите за ручек, а се пече во алуминиумско калапче за да не валкате многу садови. Секако, овој процес со алу-фолијата се употребува и за да се одреди количината за да најаде еден човек. Може да се подготвува и сè заедно во плех за печење. Еве кои состојки ви се потребни:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 парчиња пилешко филе, 200 мл млеко на собна температура, 3 компири, 1 главица црвен кромид, 2 јајца, 2 лажици кисела павлака или густ („грчки“) јогурт, 3 домати, 150 г рендан кашкавал, зачини (сол, црн пипер) и малку масло. За салата: 1/2 главица зелка, 1 морков, 2 помали краставици или 1 голема, 3 лажици варена пченка, малку свеж копар.
ПОСТАПКА: Двете парчиња пилешко филе се сечат на помали парчиња. Доколку се многу дебели, може да ги исчукате под проѕирна фолија со кујнско чеканче за да омекнат. Пилешкото исечете го на помали коцки и складирајте го во еден подлабок сад, па одозгора прелијте со 200 мл млеко на собна температура.
За натопување на пилешкото во млеко имаме пишувано во неколку наврати. Истото може да се направи и со јогурт. Имено, неколку читатели на НМД.мк го споделија своето искуство за кое велат дека јогуртот е многу поефикасен кога се користи како маринада на пилешко месо.
Многумина не го знаат ова, но јогуртот ја извлекува маснотијата и го омекнува, му дава сочност. Потопувањето на пилешкото или друго месо во joгурт го прави месото меко.
Додека маринадите за омекнување кои користат киселини, како што се лимоновиот сок или оцетот можат дополнително да го променат вкусот, но и да го исушат месото. За разлика од нив, пилешкото месо потопено во јогурт или млеко останува сочно и истовремено омекнато.
Вака подготвеното месо оставете го да отстои 30 минути во фрижидер ако се брзате, или неколку часови, а може и преку цела ноќ. Во меѓувреме, компирите измијте ги добро, исушете ги и излупете ги. Исечете ги компирите на листови, со дебелина од половина милиметар.
Со помош на еден кружен помал калап или длабок сад за салати (величината споредете ја со сликата подолу) направете си 3 калапчиња од алуминиумска фолија, која треба да биде добро опфатена на дното и уште малку од страните.
Кој сака дополнително од внатрешна страна може да ги обложи со хартија за печење. Компирите посолете ги по вкус, додајте малку црн пипер и 2 лажици масло, па измешајте ги.
Наредете ги компирите во калапчето од алу-фолија, во еден ред, додека на средина може да се поклопуваат по 2 листови компир. Исечкајте ситно една главица црвен кромид и распоредете ја подеднакво во трите калапчиња. По изминатото време, наредете го и месото кое треба да биде процедено од млекото.
Месото зачинете го по сопствен вкус со сол и црн пипер. Потоа направете ја следнава мешавина за месото да биде уште посочно: 2 јајца измешајте со 2 лажици кисела павлака или „грчки“ јогурт. Кога смесата ќе стане кремаста и течна, прелијте ја врз месото.
Исечкајте 3 домати на тенки кругови, па распоредете ги врз пилешкото филе. Пред да ставите на печење, врз доматите распоредете 150 г рендан кашкавал поделен на трипати за трите порции, а можете и да го изоставите.
Алу-калапчињата се ставаат на голем плех за печење и потоа тој плех се става во рерна на 180 степени и се пече околу 40-тина минути. Потоа, 10 минути пред да го извадите ручекот од рерна подгответе ја следнава салата која е совршена комбинација со овој ручек: 1/2 главица зелка се ренда на најкрупната страна од рендето.
Зелката се става во еден подлабок сад, а потоа истото се прави и со 1 излупен морков. Исечкајте ја краставичката на ситни коцки, па додајте ја во зелката и морковот и на крај ставете околу 3 лажици варена пченка.
Зачинете по вкус и додајте 1-2 лажици масло колку да се почувствува. Овој ручек е наменет за 3 лица. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.