Секоја трпеза не може да биде целосна доколку на неа нема топол и мек леб. Оние кои што си месат домашен леб го знаат чувството кога испечениот леб се вади од рерна и целата куќа замирисува на него. Кај нас дома, лебот го месам на најразлични начини и секогаш испробувам нови рецепти кои ќе ги најдам на интернет.




Пред извесно време го пронајдов овој прекрасен рецепт за ароматично лепче, кое е повкусно и од пица. Лепчето го филувам со лук, сирење и кашкавал, а повкусен не излегол никогаш досега. Од ова тесто може да се подготвува пица и фурнаринки. Ароматичното лепче може да го послужите како појадок, ручек, вечера или предјадење. Сите ќе ви побараат рецепт за него, бидејќи е многу вкусно. Еве што ви е потребно за да го подготвите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 300 г брашно, 1 лажичка сув квасец, 1 лажичка шеќер, 220 мл млако млеко, 2 лажици масло, 1 лажичка сол, + 4 лажици брашно за замесување. ЗА ФИЛОТ: 4 чешниња лук, 2 лажици маслиново масло или путер, 1 полна лажица павлака (кисела). И УШТЕ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 100 г фета сирење, 100 г рендан ајдамер кашкавал или друг кашкавал, малку оригано.




ПОСТАПКА ЗА ТЕСТОТО: Во еден подлабок сад каде што ќе го замесувате тестото истурете го млакото млеко, па додајте 1 лажичка шеќер и 1 лажичка сув квасец. Измешајте ги нежно состојките, со жица/маталка и почекајте 2-3 минути, додека квасецот да се активира. Потоа постепено започнете со додавање на брашното, измешано со солта.




Брашното е потребно да го додавате постепено, додека тестото го мешате со лажица. На почетокот тестото ќе се лепи, но како што ќе додавате од брашното, полека ќе се соединува. Потоа, замесете го тестото со рака, додека да стане компактно. Не е потребно многу да го месите, за да остане меко. Вака подготвеното тесто излејте го со маслото и домесете го уште 5 минути, додека маслото целосно да се апсорбира.




Тестото се остава во садот каде што сте го замесиле и се покрива со памучна крпа. Оставете го на топло место да стасува околу 45 минути или додека да ја удвои својата големина. По изминатото време, тестото се префрла на рамна набрашнета површина. Јас распоредувам 1 лажица од брашното на масата, па одозгора го ставам тестото.




Додека го месам додавам уште малку брашно, по потреба, околу 3-4 лажици. Замесете фино и меко тесто кое нема да се лепи под прстите. Откога ќе го замесите тестото, со оклагија развлечете го во форма на правоаголник со дебелина од 1 см. Вака подготвеното тесто префрлете го на плех, обложен со хартија за печење.




За да ви е полесна транзицијата на тестото, можете нежно да го склопите од двете страни до половина, како да диплите, па потоа да го префрлите на плехот, па повторно да го отворите и да го развлечете уште малку со прстите, во големина на плехот. Во меѓувреме подгответе го филот за премачкување. ЗА ФИЛОТ: Во маслиновото масло додајте 1 голема лажица кисела павлака. Чешнињата лук исечкајте ги на многу тенки листови или ситни коцки и додајте ги во павлаката и маслото, па соединете.




Филот премачкајте го врз целото тесто и рамномерно распоредете го. Врз филот наредете го фета сирењето, кое треба да биде претходно издробено, па потоа и ренданиот кашкавал. Пред да ставите на печење, наросете и со малку оригано за арома.

Печете го лебот во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 25 минути. По печењето, лебот се остава малку да се олади, па се послужува топол. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.