Здраво на сите, се надевам дека сте добро. Денес ќе ви откријам еден многу лесен и едноставен рецепт за „Зебра“ колач кој се приготвува брзо и само од неколку состојки. Декорацијата можете да ја смислите сами, но верувам дека ќе ви се допадне и мојата од бело чоколадо помешано со инстант кафе.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 130 г шеќер, 1 кесичка ванила шеќер, 1 прстофат сол, 100 мл сончогледово масло, 180 мл млеко, 300 г меко бело брашно, 16 г прашок за печиво, 2 лажици какао, 50 мл млеко. За декорација: бело чоколадо и инстант кафе
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад за матење скршете 4 цели јајца и додајте 130 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер и прстофат сол, па убаво пенасто изматете со помош на електричен миксер.
Кога смесата ќе побели и ќе згусне, а шеќерот ќе се растопи, тогаш постепено и во тенок млаз додајте 100 мл масло со непрекинато матење на миксерот. Потоа додајте 180 мл млеко и промешајте со лажица или жица маталка.
Во добиената смеса започнете постепено да додавате 300 г брашно постојано мешајќи и внимавајќи да не останат грутчиња. Пред крај додајте го и прашокот за печиво (за оваа количина потребни се 16 г).
Излегува доста количина, па за да не ви се излева како што мене ми се случи (погледни видео), од самиот почеток користете подлабок и поголем сад или пак подоцна претурете ја смесата за да можете убаво да ја изматите.
Кога ќе добиете убава, мазна и хомогена смеса, истата поделете ја на две половини во два различни садови. Во посебе сад ставете две супени лажици какао во прав и додајте 50 мл ладно млеко, па мешајте додека какаото целосно ќе се растопи.
Какао смесата додајте ја во една од половините, па промешајте за да се инкорпорира и да добиете чоколадна смеса. На тој начин ќе ги добиете двете основни теста за зебра колачот- белата и кафеавата смеса.
Земете калап за ролат или леб (длабок, тесен а долг), па малку намастете го и набрашнете го со брашно. На дното во центарот од калапот ставете една кутлача од кафеавото тесто (или одокативно), а потоа (додека се разлева кафеавото) на истото место ставете една кутлача бело тесто.
Наизменично ставајте кафеаво и бело тесто додека да се потроши материјалот. Потоа калапот неколкупати потчукнете го од подлогата за да излезат евентуалните воздушни меурчиња, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 40 минути.
Проверете со чепкалка дали е печен колачот (ако излезе сува значи дека е печен), па извадете го од рерна и оставете го малку да подизлади, па извадете го и од калапот. Потоа наросете го со шеќер во прав или прелијте го со растопено бело чоколадо во кое сте додале малку инстант кафе. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.