Имаме нов рецепт за гулаш со јунешко месо кој го испробавме и излезе одличен, но за сите оние кои не сакаат да го менуваат рецептот кој беше прогласен за најдобар од читателите на НМД, ќе можете да го прочитате подолу, под првиот рецепт.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 1): 600 г јунешки бут, 2 главици кромид, 3 чешниња лук, сол и црн пипер по вкус, 1 лажица сув зачин (вегета), 1/2 лажичка мелена црвена зачинска пиперка, 500 мл пасиран домат, 1.5 литар вода, ловоров лист, магдонос, 1 лажица лебни трошки (презла)




ПОСТАПКА: Кромидот и лукот ситно исечкајте ги, па пропржете ги на малку масло. Додека се пржи лукот доколку е потребно додавајте малку вода за да омекне убаво, а не да загори. Кога кромидот ќе застакли додајте го исечканото месо, посолете и запиперете, па пржете додека да добие убава боја.




Потоа додајте сув зеленчуков зачин (вегета), ситно сечкан магдонос (или сув) и ловоров лист. Неколку минути мешајте додека да се изедначат сите состојки, а потоа додајте го доматниот сос/пасираните домати и вода, да биде прст-два преку месото.




Гответе околу 40 минути до еден час (можеби и подолго, во зависност од месото), па на крај додајте голема лажица лебни трошки/презла и гответе уште 10-15 минути. Јас гулашот го правам повеќе со поредок сос, но вие ако сакате додајте помалку вода (околу 1 литар), па ќе добиете погуст сос и ќе нема потреба од додавање на презла. Вториот рецепт:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (втор рецепт): 1,5 кг јунешко месо, 1 кг кромид, 4 чешниња лук, 2 моркови, сол, црн пипер и зачини по ваш вкус.

Постапка: месото исечкајте го на коцки и маринирајте го неколку часови претходно или најдобро преку цела ноќ. Маринадата е пожелна за сите видови немасни меса како што е пилешкото, мисиркиното или јунешкото, па им се додава некоја кисела состојка за да омекне.




Тоа може да биде сенф, лимонов сок или оцет, вино или пиво за да може да продре низ мускулните влакна и да го направи поровко. Се додава сол и зачини по вкус, како и масло. Доколку немате некоја своја вообичаена маринада, тогаш еве еден предлог за класична маринада.

МАРИНАДА: Во еден сад ставете сол, сув зачин, малку црн пипер, малку црвен пипер доколку сакате, 3 лажици соја сос, 1 лажица балсамико оцет, 1 лажичка мед, 1 лажичка сенф, околу 3-4 лажици маслиново масло, малку толчен лук, 1 лажичка тимијан, половина лажичка мајоран.

Убаво промешајте ги состојките за да се изедначат. Измешајте го месото во маринадата од сите страни и оставете го во сад во фрижидер најмалку 4 часа пред приготвувањето. Оваа маринада има нежен вкус, месото го прави меко и едноставно се топи во уста.




Кромидот исчистете го и исечкајте го на ситни коцкички, а истото направете го и со морковот. Земете едно парче сланина од 150 г и ситно исечкајте ја. Во едно длабоко тенџере ставете малку масло и на дното прво ставете го сечканиот кромид. Колку повеќе кромид, толку повкусен гулаш.

После кромидот рамномерно распоредете го и сечканиот морков, а одозгора наросете ја сечканата домашна сланина (дава одличен вкус на јадењето). На крај одозгора распоредете го маринираното месо и тенџерето ставете го поклопено на многу тивок оган.

На овој начин без мешање оставете го да се динста околу 15-20 минути. Времето за целото готвење е околу 2-3 часа, колку подолго се готви толку е подобро. Зачините не се ставаат на почетокот, туку пред крајот од готвењето. После 15-20 минути малку промешајте го месото.




Месото под капак само ќе си испушти сопствени сокови, па нема потреба да се додаваат дополнителни течности или вода. Повторно поклопете го и малку засилете го огнот, па продолжете со готвењето. Во секој случај, мора да се следи динстањето и доколку се забележи дека нема течност, по потреба да се долее малку вода.

После 50 минути гулашот добива фина кафеавкаста боја и во овој момент е добро да се додаде малку вода за да не загори на дното. Се додава приближно половина литар вода. Малку промешајте, повторно засилете го огнот, поклопете и продолжете со готвењето.

После еден час и 45 минути додајте ситно сечкано лукче, по потреба додајте малку вода, а ако не треба, само поклопете и продолжете со готвењето. После два часа готвење можете да го зачините гулашот. Ставете сол, сув зачин, малку црн пипер и 2-3 мали лажички црвена мелена слатка пиперка.




Промешајте за да се растворат зачините и намалете го огнот. Со додадените зачини гулашот треба да се готви уште околу 30-40 минути. По потреба досолете или додајте уште некој зачин по ваш вкус. Веќе после три часа готвење гулашот треба да е сварен и може да се послужи со ориз, компир пире, палента, разни тестенини… Многу е вкусен сосот, а месото се топи во уста.