Овој рецепт за крокети го присвоив од свекрва ми која е многу вешта во кујната и секогаш подготвува најубави специјалитети. Неодамна ми го кажа овој рецепт за компирови крокети кој се чини дека на моите две дечиња им стана омилен. Еве кои состојки ви се потребни:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 поголеми компири (без зелени делови), 2 големи лажици брашно, малку сол и останати зачини по вкус, масло за пржење и вода за варење на компирите.
ПОСТАПКА: Користете здрави и квалитетни компири кои треба добро да ги измиете неколкупати под млаз вода. Потоа излупете ги од кафеавата лушпа и отстранете им ги зелените делови или изртени (доколку има). Потоа исечете ги на приближно еднакви коцки со средна величина, за да се сварат рамномерно. Ставете ги во тенџере и прелијте ги со вода.
Посолете ја водата со 1 полна мала лажичка сол и почекајте да зоврие. Варете ги компирите на средна температура додека да омекнат и да се сварат однатре. Може да ги проверувате со виљушка дали се омекнати во внатрешноста, но целиот процес на варење трае околу 20 до 25 минути.
Кога ќе омекнат компирите, процедете ја водата од нив и префрлете ги во длабок сад. Испасирајте ги со виљушка или со рачен блендер додека да добиете пире без мали грутчиња. Вкусете го пирето за да проверите дали недостасува сол. Потоа зачинете по вкус, а по желба може да им ставите и црн и црвен пипер, лук во гранули/прав…
Додајте го брашното и замесете фино и меко тесто кое не треба да се распаѓа. Кога ќе го замесите, формирајте го во правоаголник или во поголема топка, па поделете го на 6 еднакви делови. Секој дел се разработува со рака и се обликува во тенок валјак, со дебелина од 1,5 прст.
На овој начин се подготвуваат и останатите 5 делови од тестото кои претходно ги поделивте. Од валјакот, се сечат помали коцки, парчиња од тестото, кои приближно треба да бидат со иста големина. Секоја коцка, формирајте ја со дланиките во топче и потоа тоа топче сплескајте го како кружна плочка.
На средина од секој круг направете резови со запците на виљушката од средина кон нанадвор за компирите да имаат изглед како цвет. Ова може да го правите и со притискување на компирите на врвот од една цедалка и ќе го добиете истиот ефект. Овој чекор секако не е задолжителен, туку се прави поради декоративна цел.
Во тавче во кое претходно сте ставиле масло и сте го загреале (отприлика половина прст), спуштајте ги крокетите во него, едни до други. Може да ги пржите на средна температура додека да добијат златна боја од едната страна, па потоа се превртуваат на другата страна додека убаво да се испржат.
Крокетите се пржат релативно брзо, особено кога маслото ќе се загрее, така што не ги заборавајте и превртувајте ги и вадете ги кога ќе добијат златна боичка. Од секоја страна се пржат отприлика по 1-2 минути. Вадете ги во чинија со салфетка за да се впијат вишокот маснотии.
Постојат многу рецепти за крокети, а во повеќето од нив се става и јајце, млеко и други алергени. Иако не го менуваат многу вкусот, доколку сакате може да ги пробате и на тој начин.
Ако сакате да правите њоки (тестенини) од ова тесто, во тој случај во тестото се додава 1 јајце, се замесува тесто, се поделува и од секој дел се прави валјак и кога ќе се поделат на коцки, веднаш се ставаат да се варат, исто како макарони и шпагети. Послужете ги топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.