Рецептот ми го прати една далечна пријателка и ми рече дека испробала еден нов рецепт кој многу ѝ се допаднал, па решила да ми го прати, бидејќи домашниве многу сакаат да јадат месо. Кога прочитав колку лесно се подготвува, го направив истиот ден, а децата многу се изненадија од вкусот, па често ми велат: „Мамо, ај направи од тие колбасите.“
Всушност, ова не се колбаси, туку се џиновски ќофтиња, полнети со фил од кашкавал и салама. Може да ги полните со намирници по желба, како пиперки, кисели краставички или само со кашкавал. Јас како прилог правам и печени компири. Еве што ви е потребно за да ги направите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 650 г мелено месо (количината се одредува по потреба), сол и црн пипер, 100 г пармезан или обичен кашкавал (50+50), малку магдонос, 1 јајце, 1 лажица презла (лебни трошки), 4 компири, 2 лажици масло, 1-2 чешниња лук, 120 г шунка, 150 г кашкавал и зачини по вкус.
ПОСТАПКА: Меленото месо се меле многу ситно во блендер. Потоа се префрла во еден подлабок сад и се додава сол и црн пипер по вкус. Настрана изрендајте 50 грама пармезан или обичен кашкавал, па додајте ги во месото. Доволно е 1 мала коцка пармезан, да се се чувствува на вкус.
Малку промешајте ги состојките со шпатула, па настрана исечкајте малку магдонос и додајте го во садот со меленото месо. Додајте 1 јајце и 1 лажица презла и соединете во хомогена смеса. Јајцето ќе даде кремаст вкус на меленото месо. Обично, некои готвачи користат само жолчка, но јас ја ставам и белката.
Покријте го садот со месото со пластична фолија и оставете да отстои 30-тина минути, за да се соединат состојките, а во меѓувреме подгответе ги компирите. Добро измијте и излупете ги компирите (младите компири не мора да ги лупите). Исечете ги компирите на ленти, а потоа на коцки и ставете ги во еден подлабок сад.
Прелијте со малку масло и додајте го преостанатиот пармезан. Зачинете ги компирите по вкус со сол, црн пипер, црвена зачинска пиперка (блага/лута) и други зачини кои вообичаено ги користите. Може да издробите и 1-2 чешниња лук за арома. Измешајте ги компирите, па префрлете ги во плех, обложен со хартија за печење.
Печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 40-тина минути до 1 час. Јас обично ги оставам и малку повеќе за да станат крцкави и ги проверувам почесто. Настрана исечкајте ја шунката на тенки листови, а потоа истото направете го и со кашкавалот. Ќе ви требаат вкупно 12 парчиња шунка и 12 парчиња тенко исечкан кашкавал.
Меленото говедско месо поделете го на 6 еднакви делови. Распоредете порција мелено говедско месо рамномерно на мало парче хартија за печење, во облик на тенок правоаголник. Одозгора ставете по 2 парчиња од шунката и кашкавалот и свиткајте во ролат, со помош на хартијата за печење. Повторете го истото со другите делови од меленото говедско месо. Треба да добиете 6 ролати.
Во едно тавче ставете малку масло и почекајте да се загрее. Пржете ги ролатите на силен оган додека да поруменат од сите страни. Потоа покријте со капак и гответе на тивок оган 15 минути, повремено вртејќи ги, за да се зготват однатре. Јас пржам по 3 ролати во едно тавче. Послужете ги со компирите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.