Урмашиците се слатки шербетни колачи направени од тесто со јајца и путер. Формата е слична како на урма, така и го добиле своето име. Урмашиците најчесто се подготвуваат од бело остро брашно, прелиени со шеќер , а се додава и лимон.
Се прави така што тестото се притиска на рапавата страна од рендето, а потоа се прави така од сите страни, по што колачето останува со карактеристична шара. А во средината на урмашицата често се ставаат и ореви, бадеми…
Стар рецепт за традиционална шербетна слатка за сите љубители на сочните колачи. Во овој рецепт, овие колачи ќе ги правиме на многу поедноставен начин, наместо едно по едно, се подготвуваат сите одеднаш.
Тоа ќе ви го скрати и времето на подготовка, а излегуваат подеднакво вкусни и што е најважно сите се со иста големина. Ќе ви бидат потребни следниве состојки: 250 г путер, 2 цели јајца, 200 мл масло, 100 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 2 лажички прашок за печиво и 850 г брашно.
За шербет: 1 кг шеќер, 1 литар вода и 2 дебели кругчиња лимон. Постапка: Важно е брашното да отстои на собна температура за да омекне пред да почнете да го подготвувате тестото. За брашно може да користите тип 400, 500 или 550.
Најпрво подгответе го шербетот: Во поголемо тенџере ставете го шеќерот, додајте ги парчињата лимон и прелијте со вода. Ставете на рингла да зоврие, а потоа оставете да готви уште 15-20 минути. По варењето, шербетот се трга настрана за малку да се подизлади.
За тестото: Во подлабок сад изматете го со миксер омекнатиот путер заедно со шеќерот. Кога убаво ќе се соедини, се додава маслото и се продолжува со матење. Потоа додајте ги јајцата, ванилиниот шеќер и соединете во еднолична смеса.
Важно е да ги соедините сите состојки многу добро пред да го додадете брашното со прашокот за печиво. На крајот се додаваат овие 2 состојки, но постепено, не одеднаш. Замесувате меко и фино тесто, кое не се лепи под прсти.
На видеото може поконкретно да видите како треба да изгледа тестото, нема изглед како класичното, туку е повеќе како пластелин. Вака подготвеното тесто се излева во плех со класична големина 35х35 см и се развлекува и спојува со раце низ целата површина.
Потоа земете еден линијар или направете си свој кујнски како мене, картонски обликуван со алуминиумска фолија со големина каква што сакате да бидат урмашиците. Заборавив да ви напоменам дека во овој рецепт не се додаваат ореви, бадеми, но по желба може да си ставите.
Како што го развлековте тестото, со помош на линијарот сечете ленти во должина и дебелина, како коцка или правоаголник. Одозгора со ренде може малку да ги притиснете за колачињата да добијат декоративен изглед.
Се печат 25 минути во претходно загреана рерна на 250 степени, а кога ќе ги ставите на печење температурата се намалува на 180 степени. По печењето, додека се уште се врели се преливаат со млакиот шербет и се послужуваат. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.