Овие вкусни еклерчиња се прелесни за подготовка, а задоволството со нив е трипати поголемо. Многу се вкусни, тестото излегува одлично и е многу професионално смислено, па затоа се подобри и од слаткарниците. За вас одбравме два рецепти. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 200 мл вода, 100 мл масло, 1 прстофат сол, 90 г брашно, 4 јајца. ЗА КРЕМ: 800 мл млеко, 4 супени лажици нишесте (густин), 4 супени лажици брашно, 1 жолчка, 8 г ванилин шеќер или екстракт од ванила, 150 г шеќер, 80 г путер, 200 мл слатка павлака, 200 г чоколадо, 100 г бело чоколадо.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 250 мл вода, 125 мл масло, 1 прстофат сол, 1 прстофат шеќер, 150 г брашно, 6 јајца. Фото и рецепт на Изабела Трајковска.
ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Во еден сад на оган ставете 200 мл вода, 100 мл масло и прстофат сол. Кога ќе започне да врие, додајте го брашното и брзо промешајте. Гответе 5 минути додека брашното да се впие.
Добиеното тесто префрлете го во друг сад и оставете го да се лади 20-тина минути. Потоа едно по едно додавајте 4 јајца и непрекинато матете со миксер. Следното јајце додајте го кога претходното ќе биде целосно впиено во тестото.
Кога убаво ќе го измесите тестото префлете го во специјална кеса за истиснување (или шприц за тулумби) и истиснувајте ги еклерите врз плех обложен со хартија, со големина по ваша желба (може да ги ставате и со лажица како топки).
Ставете ги еклерите да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени околу 35 минути. Додека се печат еклерите не смее да се отвора вратата од рерната. ЗА КРЕМОТ: Во млекото додајте 4 лажици густин, 4 лажици брашно 1 жолчка, 1 кесичка ванилин шеќер и 150 г шеќер. Измешајте убаво и ставете на оган, па сварете го кремот со постојано мешање додека да згусне.
На крај додајте и 80 г путер и префлете го кремот во друг сад за матење. Додајте 200 мл слатка павлака и изматете со миксер за да се соединат. Матете околу 3 минути и оставете настрана да излади, околу 10 минути. Со кремот полнете ги печените и изладени колачи, а одозгора прелијте со топено чоколадо.
ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): На оган се ставаат да зовријат водата и маслото со прстофат сол и шеќер. Потоа садот се трга настрана и постепено се додава 150 г бело брашно со постојано мешање. Смесата повторно се враќа на оган и се меша за да не загори брашното. Потоа се трга на страна и се остава целосно да се излади.
Во тестото се додаваат едно по едно 6 јајца (се меси сè додека јајцето да се впие и соедини во тестото, па потоа се додава следното јајце). Еклерите можете да ги формирате како што сакате, може со шприц или со лажица. Се ставаат во плех обложен со хартија претходно намастена со маргарин.
Се печат во загреана рерна на 200 степени околу 25-30 минути. Во текот на печењето и после печењето не се отвора рерната. Се оставаат со исклучена рерна да стојат уште 40-60 минути. Потоа се филуваат.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ: 800 мл пресно млеко, 2 кесички пудинг со вкус на ванила (80 г), 7-8 супени лажици шеќер (по вкус), 2 кесички ванилин шеќер (20-25 г), 100 г несолен путер или маргарин.
ПОСТАПКА: Се вари пудингот според упатството и кога ќе подизлади се додава маргаринот и се меша додека да се растопи и соедини (нема потреба од миксер). Се филуваат еклерите и се декорираат. Јас ги декорирав со шлаг крем и со овошје, со киви и вишни, но можете и само со крем.