Чоколадни колачиња со кокос од 3 состојки, без печење и имаат неодолив вкус. Многу вкусни чоколатца кои се прават многу брзо и едноставно. Главно, смесата се прави од 3 состојки, а потоа може да ги потопувате во чоколадна глазура и дополнително да ги декорирате, но секако тоа е опционално, во главно се многу вкусни.




Овој колач е за сите љубители на чоколадото и кокосот. Има многу рецепти за подготовка на баунти чоколатца, а домашните верзии се секако многу повкусни. Од сите тие рецепти за баунти, овој се вбројува помеѓу најлесните.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 мл млеко, 3 големи лажици шеќер, 250 г кокос. И уште ќе ви бидат потребни: 200 г полутемно чоколадо за глазура и уште малку потемно чоколадо за декорирање (ова е опционално).




ПОСТАПКА: Во тавче ставете го млекото, додајте шеќер и кокос. Измешајте ги состојките и ставете на рингла со средна температура да се зготви смесата. Со постојано мешање, внимавајте да не ви загори на дното од тавчето.




Гответе сè додека смесата да се згусне, да испари течноста и да се апсорбира во кокосот. Базата за колачот е готова кога со шпатулата која мешате ќе забележите како се открива дното од тавчето на неколку секунди.




Потоа белата смеса префрлете ја во сад и покријте со проѕирна фолија. Оставете добро да се олади на собна температура пред да ги формирате колачињата. Кога смесата ќе се излади, земете една мала пластична лажичка со длабоко дно за да ја користите како мерка за сите колачиња да ви излезат еднакви.




Црпете од смесата и потоа со раце формирате топчиња или долгнавести валјаци, по ваша желба. Вака колачињата редете ги на плех и кога ќе ја потрошите смесата, ставете во фрижидер за добро да се стврднат.




Пред да ги извадите колачињата од фрижидер, растопете го чоколадото. Земете едно колаче и ставете го на виљушка врз садот со растопено чоколадо. Со мала лажичка преливајте ги колачињата со чоколадото додека да се прелијат цели во него.




Вака прелиени редете ги на плех обложен со хартија за печење, а по филувањето на сите, ставете ги во фрижидер да отстојат уште 5 минути за да стврдне чоколадниот прелив. Она што ќе остане вишок од глазурата по стврдувањето на глазурата, едноставно отстранете го од колачињата за да имаат убав облик.




Но, секако нема потреба освен доколку ги декорирате посебно. Во меѓувреме може да растопите уште малку потемно чоколадо и со шприц да ги шарате колачињата во тенки ленти. Многу се вкусни, а се прават многу едноставно, после овој рецепт ќе ги правите многу често. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.