Здравите колачи кои се прават од минималистички и евтини намирници како овес, банана и какао, стануваат сѐ попопуларни. Овој колач брои милионски прегледи, а сите што го пробале, се воодушевиле и побарале рецепт. Се прави за кратко време и од состојки кои секој постојано ги има во својот дом. За да го направите овој колач ќе ви бидат потребни 2 банани, малку овесни снегулки и какао.
Овесот отсекогаш се сметал за храна која брзо го заситува стомакот, па затоа речиси секоја диета или план за исхрана, се состои од овес. Овесот е многу здрав и нутритивен, а освен популарната овесна каша, со него може да подготвувате најразлични колачи/торти и други јадења. Бананите се добар извор на неколку витамини и минерали, особено калиум, витамин Б6 и витамин Ц.
Какаото игра важна улога во одржување на здравјето и функционалноста на организмот. Какаото е богато со микронутриенти, полифеноли и моќни антиоксиданси, кои помагаат во намалување на воспалението, намалување на крвниот притисок и подобрување на холестеролот и шеќерот во крвта. Овој колач може да го јадете додека внимавате на својата исхрана и калории, а сепак ќе ја задоволите потребата за слатко. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г (2 шолји) овес, 500 мл (2 чаши) топла вода, 3 зрели банани (200 г), 2 јајца, 50 г (1/2 шолја) мелени бадеми, 1 лажица прашок за печиво, 2 лажици шеќер (најдобра замена е медот или јаворовиот сируп), 30 г (1/3 чаша) какао во прав, 2 лажици чоколадни топчиња (опционално). ЗА КРЕМОТ: 250 г (1 чаша) цврст јогурт, 2 лажици сируп од агаве/мед/јаворов сируп, 2 лажици какао во прав.
ПОСТАПКА (за калап 21х15 см): 2 шолји овесни снегулки ставете ги во подлабок сад и прелијте ги со 2 чаши топла вода (да не биде зовриена). Промешајте добро за да се натопат сите снегулки подеднакво, па оставете ги да киснат 10-15 минути и да ја апсорбираат целата вода. Во меѓувреме излупете три зрели банани, па испасирајте ги со виљушка или рачен миксер за да добиете пире.
Кога овесот ќе набубри и ќе ја има впиено целата вода, промешајте го уште сосем малку, па додајте го пирето од банани. Скршете две јајца и изматете ги со виљушка додека да се соединат сите состојки во еднолична смеса. Додајте 1/2 шолја мелени бадеми (може и други јатки, по избор), 1 лажичка прашок за печиво, 2 лажици засладувач.
Јас како засладувач ставам 2 лажици мед, а во рецептот се става шеќер. На крајот се додава 30 г какао во прав и по желба се ставаат чоколадни топчиња, но секако ова е опционално и повеќе служи како декорација. Измешајте ја содржината со лажица или шпатула додека состојките да се изедначат во еднолична смеса.
Земете го калапот кој сте го подготвиле и премачкајте го со кокосово масло или путер на дното и од страните. Излејте ја приготвената смеса во калапот и распоредете ја рамномерно. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 45-50 минути. Во меѓувреме подгответе го кремот, додека колачот се пече, а по печењето, колачот се остава добро да се излади во калапот.
ЗА КРЕМОТ: Во еден подлабок сад ставете 250 г цврст јогурт, додајте 2 лажици какао во прав и 2 лажици засладувач (мед, сируп од агаве, јаворов сируп) и сѐ добро измешајте со лажица. Кремот премачкајте го врз изладениот колач и рамномерно распоредете го. По желба одозгора декорирајте со чоколадни трошки, а поздрава варијанта е да наросите мелени јатки (бадеми, ореви, лешници, индиски ореви…)
Вака подготвениот колач може веднаш да го послужите или да го ставите во фрижидер да се стегне (според мене е поубав така). Послужете го со сечење на коцки. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.