Чај од Коњско опавче е напиток со историска репутација кој лекува ткивни повреди и проблеми со коските. Оваа билка се користи за бројни состојби, бидејќи помага во лекување и зајакнување на телото.

Многумина познавачи сметаат дека секој треба оваа билка да ја има во својот дом, зошто може многу да помогне како прва помош при исеченици или крвавење од нос.

Бенефитите од консумирањето на чај од Коњско опавче се многубројни, па ајде малку подобро да се запознаеме со оваа билка.

Што е Коњско опавче?

Коњско опавче, equisetum arvense на латински, е жив фосил, билка која луѓето обично ја гледаат како трева и не и придаваат големо значење. Се размножува со спори, а не со семиња, а скорешни молекуларни анализи ја сместуваат во одделот на папрати. Според фосилните пронајдоци може да се заклучи дека оваа билка била многу важен дел од светската флора во време на карбонот. Некои видови од пред 100 милиони години биле дрва кои достигнувале височина и до 30 метри.

Обично расте во региони со умерена клима, на влажни и песокливи почви, а може да достигне височина и до 30 см.

Ова растение во различен период од годината се преобразува во различни форми. Пролетно време никнува како исправено, шупливо стебленце кое многу наликува на аспарагусот, додека летно време се отвора во тенко, пердувесто зелено гранче кое многу наликува на борова гранка.

Коњското опавче нема лисја, а наместо нив има многу тенки и нежни иглички, наредени кружно и споени со нодални обвивки за шупливото стебленце, а на врвот завршува во остра точка.

Бербата обично се врши летно време, кога внимателно се собираат стебленцата, надземниот дел без корен, се суши и се складира.

Зошто се вика Коњско опавче?

Името го добило по очигледниот факт за неговиот изглед, односно затоа што многу наликува токму на коњска опашка. Па така, понекогаш сточарите користат гранка од Коњско опавче за одбрана од досадните муви. Постојат и други имиња за оваа билка, како Змиско стебло, пршлика, четка и др.

Историски податоци за Коњско опавче за неговата употреба во медицински цели

Коњското опавче долго се користело и ценело како хербален лек уште во античко време. Старите Грци го користеле за лекување рани, додека Римјаните го користеле за проблеми со бубрезите и мочниот меур, како лек за артритис и туберколоза.

Всушност, овој билен чај долго време се користи како помош за обновување на белодробното здравје и лекување на респираторните нарушувања. На Исток, Кинезите го користеле за третирање на дизентерија, оток, грип и треска, за лекување на конјунктивитис и други форми на воспаление на очите. Во медицината на ајурведата оваа билка била користена за да ги смири нервите и да ги негува мозочните клетки. Многу култури сè уште ги вреднуваат лечителните својства на оваа билка, користејќи го за лекување на бројни заболувања.

Коњското опавче денес – употреба

Коњското опавче е многу хранлива билка што го прави билковниот чај многу здрав напиток. Потребно е да се направат релевантни студии за да се докаже неговата лечителна способност, па засега, за неговите својства врз здравјето на човековиот организам не е многу познато. Најважните елементи кои оваа билка ги содржи се силициум и калциум.

Исто така содржи и хром, железо, магнезиум, манган, калиум, фосфор, селен, натриум и цинк. Коњското опавче е богато со витамини А, Б2, Б3, Б5, Ц и Е и флавоноиди, антиоксиданти, фитостероли, сапонини, танини, масни киселини и силициумски киселини.

За јакнење на коските, ноктите и косата

Коњското опавче најмногу е познато по силициумот кој го содржи, минерал кој е особено важен кога станува збор за здравјето на коските и превенција од остеопороза. Често се препорачува како третман при фрактури на коски за забрзување на окостувањето и заздравување на коската.

Калциумот и силициумот заедно содржани во оваа билка, се одлични елементи за зајакнување на кршливи нокти, габични и други видови инфекции.

Обновување на ткивото

Чајот од коњско опавче велат дека доста помага и при лекување на шинати и повредени зглобови, скинати лигаменти и повредена ’рскавица. Го забрзува зараснувањето и обновувањето на ткивото. Го регенерира сврзното ткиво и колагенските влакна, со што дополнително се забрзува времето за опоравување, се зголемува силата и еластичноста во зглобот.

Третман за уринарни инфекции

Една од најголемите придобивки на чајот е неговата способност да го прочистува уринарниот и бубрежниот систем, а се користи и како помош при инфекции, воспаленија и болно мокрење. Ако се консумира чај од коњско опавче при инфекција на мочниот меур, истиот помага за полесно ослободување од токсините и бактериите кои се исфрлаат заедно со другите штетни материи.

Диуретични својства

Овој чај служи како диуретик, помагајќи да се намали задржувањето на водата и да се намалат отоците. Помага при слабост на мочниот меур, го регулира и стабилизира ноќното, неконтролирано мокрење.

Исто така, за овој чај се вели дека помага за полесно исфрлање на песок и ситни камчиња од бубрезите. Може да послужи и како третман за диуреза, едем и други нарушувања во бубрезите, помагајќи да се подобри целокупната уринарна функција. Мажите можат да го користат како можен лек за бенигна зголемена простата, но сепак треба да се разговара со лекар за оваа опција како форма на третман.

Третман за респираторни проблеми

Како помош при бронхитис, туберколоза или друг вид заболување на респираторен тракт, обично се препорачува пиење на чај од Коњско опавче. Оваа хербална инфузија помага да се изборите со болната треска, побрзо да заздравите и да ја зголемите силата на пулмоналниот систем, но и целокупниот имунолошки систем.

Овој билен чај може да помогне да се лекуваат ослабените бели дробови и да се зајакне одбраната од идните заболувања. Тоа дејствува како експекторант, чистејќи ја флегмата и штетните токсини кои предизвикуваат болест.

За болки во грло се препорачува гаргара со млак чај, за лекување и смирување на воспалението. Пиењето на овој чај може да донесе олеснување на непријатната кашлица која може да предизвика иритација на грлото. Смирува и други респираторни проблеми како што е астмата.

Прочистувач на крвта

Се вели дека чајот од коњско опавче многу помага за зајакнување на крвните садови, со што го намалува ризикот од хеморагија. Овој чај го стимулира протокот на крв и ја подобрува состојбата со проширени вени. Калциумот што го содржи оваа билка спречува таложење на масни наслаги и формирање на тромбови.

Од друга страна, чајот од Коњско опавче стимулира згрутчување на крв при посекотини и рани, бидејќи помага во контрола на внатрешно и надворешно крвавење. Затоа се користи при крвавење од нос, крвавење на непца, па дури и крвавење на чирови.

Овој чај е богат со хранливи материи и помага да се прочисти крвта, помагајќи да се прехрани преку циркулаторниот систем, третирање на анемија и општа слабост.

Чај за жени

Чајот од Коњско опавче е одличен билен чај кој жените можат да го користат за олеснување на менструалните болки, а потоа, подоцна во животот, за регулирање на неурамнотежените симптоми на менопаузата. Помага да се спречи прекумерното менструално крварење, со што се намалува непријатноста во текот на оваа фаза.

Калциумот присутен во чајот од Коњско опавче може исто така да биде корисен кога жената ќе дојде во менопауза, бидејќи не само што помага да се спречи остеопорозата и проблемите со коските, туку и да се намалат другите симптоми како што се „топлите“ бранови. Железото пак, присутно во оваа билка ќе ви помогне да се изборите со замор и стрес.

Чај за подобро варење

При високи киселини во желудникот се препорачува пиење на чај од Коњско опавче, кое исто така помага и при разни воспалителни процеси на дигестивниот тракт, како бактериски инфекции во устата или чирови во желудник или дванаесетпалечно црево.

За слабеење

Овој чај може да помогне при губење на килограмите. Со подобрување на дигестијата, овој чај помага вашето тело да се ослободи од несаканите отпадоци. Истовремено, се вели дека овој чај помага да се блокира создавањето на маснотии во крвните садови и ткивата.

За смирување

Чајот од коњско опавче содржи големи количини калциум што може да ви помогне за повеќе состојби набројани погоре, но исто така, овој минерал е одговорен и за смирување на нервите. Помага за смирување на раздразливост, хиперактивност, па дури и несоница. Освен тоа, ги релаксира мускулите ослободувајќи ги од грчеви и спазми. Иако можеби се потребни дополнителни студии, постојат сведочења за тоа дека овој чај помага за подобрување на меморијата и когнитивната функција. Веројатно, кога сте смирени – подобро се концентрирате.

Надворешна употреба

Овој билковен чај може да се употреби локално за третирање на различни состојби. Одлично ја чисти кожата, го смирува и лекува оштетеното ткиво. Може да помогне и доколку страдате од болки причинети од ревматоиден артритис. Коњското опавче е богато со силициум, па затоа го забрзува зараснувањето на рани од посекотини или изгореници и не дозволува појава на лузни.

Некои го користат овој чај за плакнење на косата, односно за враќање на здравјето на влакното со што се забрзува растот и го спречува оштетувањето на врвовите. Притоа се третира и скалпот, се отстранува првутот и се намалува иритацијата.

Несакани ефекти

Коњско опавче е билка која долго време се користела како традиционален лек, но иако има многу корисни својства, сепак, потребни се дополнителни испитувања и затоа, треба да постои извесна мерка на претпазливост кога се консумира овој чај.

Несакани ефекти на чајот од коњско опавче

По одреден период консумација на овој чај (7-10 дена) потребно е да направите пауза поради можна иритација на бубрезите. Поради својата диуретична активност, консумирањето на овој чај може да предизвика пад на калиумот со побрзо темпо отколку што го внесувате овој елемент. Ова може да доведе до мускулна слабост и може да предизвика аритмија. Па така, при консумирање на секој диуретик, не само на овој чај, обезбедете доволен внес на калиум за да не ја нарушите неговата рамнотежа во организмот. Исто така, долгото консумирање на овој чај може да предизвика дефицит на витамин Б1 (тиамин). Доколку почувствувате губење на силата и координацијата, земете дополнителни количества од овој витамин, особено ако пиете алкохол додека го консумирате овој чај.

Иако една од најголемите придобивки на овој чај е неговата способност за лекување на рани и надворешни лезии, најпрво пробајте на мала површина врз кожата за да проверите дали случајно сте алергични на оваа билка. Ако добиете иритација на кожата или осип, престанете со негова употреба и побарајте алтернативно решение.

Не се препорачува консумирање на овој чај во текот на бременост, ниту за мали деца, бидејќи содржи никотин. Големи количества никотин може да предизвикаат мачнини, гадење, мускулна слабост, треска, па дури и неправилно чукање на срцето.

Доколку консумирате некои медикаменти кои лесно се исфрлаат преку уринарниот тракт, треба да се консултирате со вашиот лекар, бидејќи коњското опавче е диуретик и може да предизвика исфрлање на лекот.

Чај од Коњско опавче

Користени делови: сува билка берена во летните месеци

Количина: 2-3 лажички / чаша (250 мл)

Температура на водата: вриење (100ºC)

Време на подготовка: 5-10 минути (натопување)

Препорачана доза: 3 чаши дневно

Засладувач: мед

Најдобро се комбинира со: глуварче, коприва

Постапка:

Откако ќе зоврие водата, попарете 2-3 лажички сува билка и оставете поклопено 10-тина минути. Процедете и засладете по потреба. Ова е основата која обично се додава на други чаеви, најчесто коприва (за прочистување на крв, лекување анемија, алергии, зацврстување на коски) или глуварче (прочистување на црн дроб, елиминирање задршка на течности, надомест на калиум).

Се пие една недела, па се прави пауза од неколку денови пред да се повтори. Не се пие долг период, поради погоре наведените причини.

За НМД: Ирена П.