Фото и рецепт: Амина Хусиќ
Овој рецепт ни го испрати нашата драга Амина Хусиќ за кој има подготвено и видео (можете да го погледнете на крајот од рецептот).
Потребни состојки:
300 мл млако млеко
7 г квасец (1 сув квасец)
350 г брашно
3 лажици шеќер
1 лажичка сол
30 г путер/маргарин
Постапка:
Квасецот убаво разматете го во 2-3 лажици млако млеко за да се раствори. Во 350 г брашно додадете 3 лажици шеќер. Промешајте.
Додадете го растворениот квасец и остатокот од млекото. Промешајте и додадете едно лажиче сол. На крај убаво измесете со рака, додека да добиете меко и мазно тесто кое не се лепи.
Од тестото формирајте топка, а потоа малку сплескајте го со рацете за да добиете форма на диск (погледни видео), а одозгора премачкајте го со половина од путерот (15 г).
Вака премачканото тесто со помош на прстите свиткајте го во кифла или спакувајте го, па убаво измесете го додека тестото да го прими целиот путер.
Потоа повторете ја уште еднаш постапката. Премачкајте со путер, спакувајте го и веднаш измесете го додека да се соедини. Ќе добиете мазно и еластично тесто.
Покријте го со проѕирна фолија и оставете го два часа да стасува. Потоа тестото истресете го на добро набрашнета работна површина и поделете го на 12 еднакви делови. Од секој дел формирајте топче и добро измесете го.
Топчињата наредете ги во тепсија обложена со хартија и покријте ги со проѕирна фолија за да стасуваат половина час. Потоа наросете ги со малку скробно брашно и печете ги во загреана рерна на 180 степени, 18 минути.
Сите детали погледнете ги во видеото: