Рецепт и видео презентација на Бојана од Бокина кујна – ПЛАЗМА ЧОКО ТОРТА – со неодолив вкус. Колачот е толку кремаст и сочен, што секој залак се топи во устата. Вистинско уживање за сите љубители на плазма кексите. Овој колач се приготвува за само 15 минути.
Потребни состојки: 3 пакувања пишкоти (36 парчиња). За фил: 200 г чоколадо, 200 мл слатка павлака, 130 г путер или маргарин, 150 г мелени плазма кекси, 2 лажички кисела павлака со висока масленост 20%. И уште: сок од портокал или млеко за натопување на пишкотите.
Постапка: Чоколадото ставете го во некој подлабок сад, веднаш додадете го путерот и прелијте го со 200 мл слатка павлака. Загревајте ја смесата на тивок оган колку да се растопат состојките, но внимавајте да не ви зоврие. Мешајте цело време за побрзо да се соединат.
Кога ќе добиете изедначена, чоколадна смеса, која треба да биде течна, а не прегреана, прелијте ја во некој друг сад и оставете ја целосно да се излади. Откако ќе стане малку млака, речиси на собна температура, можете да ја ставите и во фрижидер за побрзо да се олади.
Потоа со миксер изматете ја изладената смеса додека да добиете фин и нежен, воздушест крем. Во овој чоколаден фил можете директно веднаш да ја додадете мелената плазма, но за да го збогатите вкусот, додадете и две лажици кисела павлака, но користете некоја помасна, со 20% млечни масти.
Додадете ги и мелените бисквити, изматете уште некоја минута за да се распореди рамноменро во целата смеса и филот е готов – кремаст, но сепак кој тешко паѓа од лажицата. При ладењето дополнително ќе се стегне. Од овој крем одвојте околу две лажици за декорирање на тортата.
Калапот (долгнавест и тесен) обложете го со проѕирна фолија и убаво измазнете за да ви излезе тортата рамна без набори. Во чинија ставете сок од портокал (може и млеко или чоколадно млеко) и кратко натопувајте ги пишкотите во сокот па редете ги во калапот.
Пишкотите дополнително ќе си омекнат подоцна од самиот крем, кога малку ќе отстои тортата. Сега веќе можете да започнете со редењето на тортата: 12 пишкоти во еден ред – ½ фил – 12 пикоти – ½ фил – 12 пишкоти (3 реда пишкоти, 2 реда фил).
Одозгора премачкајте го филот што го тргнавте на страна и наросете мелени и сечкани лешници/плазма/ореви. Тортата завиткајте ја во проѕирна фолија и оставете ја во фрижидер најмалку два часа за да се стегне. Потоа извадете го обрачот и послужете. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.