Ова јадење со зеленчук може да го јадете и навечер, бидејќи не дебелее, многу вкусно и брзо. Рецепт на Гурман ТВ. Вкусна пита со зеленчук, готова е за час. Филот се подготвува од зеленчук, а смесата за тесто е излеана и се става директно на печење.




Ова јадење многу потсетува на францускиот традиционален „киш“ кој се подготвува на сличен начин. Секако во тестото може да додадете сувомеснато, кашкавал, сирење.. по ваш избор, а ние ќе ви ја претставиме најздравата варијанта.




Потребни состојки за фил: 2 моркови, 1 праз, 1 пиперка (блага или лута по ваш избор), 2 компира, 500 г зелка, 10 г свеж магдонос. За тесто: 4 јајца, 40 мл млеко, 40 мл масло, 10 г сол, прстофат црн пипер, 120 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво, изрендан кашкавал за наросување, црн и бел сусам..




Постапка: Најпрво се подготвува филот со зеленчук. Морковите и компирите се рендаат, празот и пиперката се сечат на ситно и се соединуваат во подлабок сад. Зелката се сечка на мали парчиња и се додава во мешавината од зеленчук.




На крајот се наросува со свеж магдонос, а доколку немате свеж може да користите и сув. Целата смеса се соединува со шпатула, да има шарени бои и подеднакво да се измеша зеленчукот. Потоа се преоѓа на подготовка на тестото.




Не ви е потребен ни миксер, ни замесување со раце бидејќи подготвуваме смеса која што ќе се излева. Во подлабок сад се матат 4 јајца со шпатула, се додава млекото и маслото и повторно се соединува се.




Смесата се посолува, се додава прстофат црн пипер и на крајот заедно се додаваат брашното и прашокот за печиво. Измешајте се убаво додека да се вмеша убаво брашното со смесата, да не останат грутки.




Зеленчукот се додава во оваа смеса и се заедно се излева во плех обложен со хартија за печење со димензии 35×35 см и се става на печење во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20-тина минути.




Потоа плехот се вади од редна и одозгора се наросува со рендан кашкавал (по потреба), црн и бел сусам, па повторно се враќа на печење на истата температура уште 15 минути. Се послужува топло, но подеднакво е вкусно и оладено. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.




Прочитајте го и вториот рецепт: Шпанска царска пита, толку е вкусна што децата веднаш ја јадат и бараат уште. Многу лесна и брза подготовка. Одлична е за брз појадок или вечера, а може да се послужи и како топло или ладно предјадење. Превкусна е.

Потребни состојки: 4 белки, 4 жолчки, 350 мл јогурт, 100 мл масло, 1,5 лажичка сол, 150 г брашно, 1/2 прашок за печиво, 150 г палента, 150 г сирење, 3 лажица кисела павлака, 100 г морков, 100 г кисели краставички, 150 кашкавал, 200 г шунка. За наросување: сусам.



Постапка: Морковите сварете ги и исечкајте ги на коцки. Исто така, исечкајте ги киселите краставички, шунката и кашкавалот, а сирењето издробете го. Се матат белките во цврст снег па се додаваат жолчките и заедно се матат со миксер. Потоа се додава јогуртот, маслото и сол.

На крај се додава брашното измешано со прашок за печиво и палента, па се меша со лажица или силиконска шпатула. Постепено се додаваат останататите состојки: дробено сирење, кисела павлака, ситно исечканите моркови, краставички, кашкавал и шунка.

Добиената истурете ја во плех или тепсија со средна величина, обложен со хартија и ставете на печење во претходно загреана рерна на 200 степени околу половина часили додека убаво да зарумени. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.