Вкусни ролнички полнети со пилешко и печурки, прсти да излижеш. Децата особено ги сакаат, а во филот може да додавате и одземате од состојките, во зависност од тоа што јадете. Уште полесно е дека ова тесто не се пече, туку се пропржува многу кратко време и е готово.




Во филот може да додадете кечап, сувомеснато, павлака, кашкавал, а јас најчесто го правам со пилешко месо (филе) и ситно сечкани печурки, потоа зачинувам, понекогаш додавам кашкавал и 2-3 пиперки. Така најмногу ги сакаат децата.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 200 г брашно, 150 г кајмак/павлака, 20 мл масло, 20 мл млеко, 15 г брашно за домесување, 5 г сол. ЗА ФИЛОТ: 400 г пилешко месо, 300 г печурки по ваш избор, 5 г сол (или прстофат), 2 пиперки, црн пипер и 150 г рендан кашкавал.




ПОСТАПКА: Замесете го тестото на класичен начин: во подлабок сад ставете го брашното и направете вдлабнатина во него. Додајте го кајмакот/павлаката, маслото и млекото. Промешајте малку во вдлабнатината со шпатула.




Потоа додајте ја солта и замесете фино и меко тесто, нелепливо под прсти. Останатото брашно (15 г) чувајте го за подоцна. Тестото не треба да се меси премногу, доволно е само да се оформи за да не биде премногу тврдо.




Потоа вратете го во садот каде што првично го замесивте и покријте го со памучна крпа, па оставете го да се удвои околу 15 минути. Нема да се удвои премногу бидејќи не се прави со квасец, треба само толку време да одмори.




За тоа време подгответе го филот: Пилешкото филе исечкајте го на ситни парчиња како да правите пилешки прсти и ставете да се запржи на тавче со малку масло. Зачинете по вкус со сол, црн пипер, а може да ставите и црвен пипер.




Кога месото ќе побели додајте ги ситно сечканите печурки и гответе на тивко додека да испари течноста од нив. Ситно сечкајте ги пиперките и ставете ги да се готват нешто пред крајот да го тргнете тавчето од рингла.




По изминатото време тестото развлечете го во правоаголник со оклагија, да биде тенко и на средина премачкајте го целиот фил. Одозгора наросете со рендан кашкавал (може со ајдамер) или некој друг лесно растеглив. Завиткајте цврст ролат од тестото и премачкајте го со малку брашно што претходно го тргнавте настрана за да не ви лепи.




Крајот каде што завршува тестото од ролатот малку прилепете го за останатиот дел со прстите, а потоа пресечете го на помали ролатчиња. Овие ролатчиња пржете ги од двете страни во тавче со малку масло додека да се запече тестото. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.