Ова се најубавите крофни без млеко и јајца и воопшто не се разликуваат од мрсните. Воздушести се, меки, се топат во уста, а од нив мириса целата улица. Особена арома му дава ренданата кора од лимон и портокал, како и ванилиниот шеќер.

За сите оние што постат овој период, можете да се засладите со овие прекрасни посни крофни. Рецепт и фото на Хрисула Лазевска.

Потребни состојки:

1 кг брашно

40 г квасец

300 мл млака вода

200 мл кисела вода

100 мл масло

2 лажици шеќер

2 кесички ванилин шеќер

Рендана кора од портокал – многу малку

Рендана кора од лимон

1 лажичка сол

Постапка:

Во подлабок сад ставете го квасецот, лажица шеќер и лажица брашно. Добро промешајте со малку вода и оставете квасецот да се активира.

Потоа, во надојдениот квасец додадете масло, вода, кисела вода, шеќер, рендана кора од лимон и портокал, ванилин шеќер. Замесете со брашно. Брашното додавајте го малку по малку и додадете сол. Завршете со мешање и оставете тестото да се удвои.

Тестото развлечете го на побрашнета работна површина, вадете тркалца со чаша и оставете малку да надојдат, околу 10-тина минути.

Маслото загрејте го и горната страна на крофната спуштете ја свртена кон долу. Поклопете и пржете околу една минута, тргнете го капакот и оставете долната страна уште малку да зарумени.

Крофничките вадете ги на салветка да се исцедат, наросете со шеќер во прав и послужете со џем. Уживајте во најдобрите крофни!