Рецепт и видео презентација на Емилина Кујна – Гужвана пита со сирење во ролат. Постојат многу начини за редење на питата со сирење од готови кори. Еве уште еден начин кој толку е едноставен, брз и многу интересен, што отсега само вака ќе ја приготвувате вашата омилена пита.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г готови кори за пита, 500 г кравјо сирење, 4 јајца, 50 мл масло, 100 мл јогурт, 100 мл газирана вода, половина кесичка прашок за печиво (6 г).
ПОСТАПКА: Ова пакување од половина килограм кори содржи вкупно дваесет еднакви парчиња, ниту премногу тенки, ниту премногу дебели кори. Добив вкупно пет ролати со по четири кори. Вие прилагодете го бројот на ролатите според бројот на корите во вашето пакување.
Во подлабок сад за матење скршете четири јајца и пенасто изматете ги со помош на жица-маталка. Потоа додајте половина килограм иситнето кравјо сирење, 50 мл масло, 100 мл јогурт, 100 г газирана минерална вода и половина кесичка прашок за печиво (6 г).
Добро соединете ги состојките за да добиете изедначена смеса. Потоа отворете ги корите и пребројте ги, па поделете ги на купчиња со по 4 кори за еден ролат. Отворете една кора и рамномерно филувајте ја со неколку лажици од приготвениот фил.
Потоа земете друга кора и грyбо изгужвајте ја меѓу рацете, да добиете еден вид на топка – како расцветана ружа. Навистина не треба да се грижите за обликот на „топката” од кора, само треба да биде воздушеста. Ставете ја на едниот агол од филуваната кора.
Земете уште една кора и на истиот начин згужвајте ја, па поставете ја до првата „топка” од гужваната кора. Продолжете ја постапката и со третата кора за да го покриете целиот ред од базната кора, како да редите фил за ролат. Одозгора рамномерно нанесете по малку од смесата, врз секоја од гужваните „топки”.
Потоа внимателно започнете го виткањето на сите кори заедно во голем дебел ролат. Вака приготвениот ролат ставете го во плехот од рерна претходно добро намастен со масло, маст или путер (кој сака може и да го обложи со хартија). Постапката продолжете ја и со останатите кори додека да го исполните плехот.
Одозгора премачкајте ги со преостанатиот фил. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу половина час или додека убаво да зарумени. Кога е печена, извадете ја питата и по неколку минути можете да ја послужите. Сите детали околу постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.