Рецептот на Тања од истоимениот канал на јутјуб ме спаси пред некој ден кога немав од кај да купам леб. Порано постојано месев домашен леб со разни семиња, но ми одземаше долго време.

Откога го најдов овој рецепт, лебот го подготвувам само на овој начин. За овој рецепт не ви треба месење, ниту долго да се задржувате во кујната, а и лебот има долг рок на траење, може да се чува до 12 месеци во подрум или шпајз (на ладно и темно место).




Атомскиот леб се прави од неколку состојки и е многу нутритивен бидејќи содржи најразлични видови на семки, како ленено семе, сончогледови семки, семки од тиква, сусам, а по желба може да ставите и други семки како бадеми, ореви, лешници, индиски ореви, ким итн. Поради изобилството на семки, овој леб е многу заситен и е здрав, погоден е и за оние кои внимаваат на својата исхрана. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 лажичка сув квасец, 300 мл топла вода, 230 г интегрално брашно, 60 г ленено семе, 50 г сончогледови семки, 50 г семки од тиква, 50 г сусам, 1 лажичка сол или по вкус. Вкупната количина на семки е потребно да биде 210 г, така што можете да измешате повеќе видови на семки кои претходно ги набројавме.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад измешајте 1 лажичка сув квасец и прелијте со 300 мл топла кон млака вода (да не биде зовриена). Содржината измешајте ја со жица или со маталка, додека квасецот да се раствоти. Ставете го садот настрана и оставете го неколку минути да се активира.




Во меѓувреме измешајте ги сувите состојки. Во друг сад измешајте 230 г интегрално брашно, 60 г ленено семе, 50 г сончогледови семки, 50 г семки од тиква, 50 г сусам и посолете по вкус (јас ставам 1 лажичка сол). Измешајте ги сувите состојки, па потоа прелијте ја содржината од вода и квасец. Со шпатула сѐ измешајте и соединете.




Смесата треба да биде мека, добро соединета и по малку воздушеста. Содржината покријте ја со проѕирна фолија и оставете да нарасне околу 1 час на топло место. По изминатото време, уште малку премесете го тестото, т.е измешајте го со шпатулата. Тестото не се меси со раце. Подгответе си две тегли, јас имав една помала и една поголема. Теглите треба да бидат добро стерилизирани.

Користете тегли со широк отвор за лебот да може полесно да се извади. Извадете ги гумичките од внатрешната страна на капаците (доколку има). Премачкајте ја секоја тегла со масло на дното и од страните, па започнете да додавате од смесата.




Додавајте од смесата во теглите со добро притискање за да се истисне сиот воздух. Важно е секоја тегла да не ја преполнувате, доволно е да ги полните до половина, бидејќи тестото ќе нарасне уште малку. Кога ќе ги наполните теглите, одозгора израмнете и премачкајте со малку масло.




Доколку празниот простор, односно ѕидовите на теглата сте ги извалкале со смесата пребришете ги со чиста крпа или хартија, а истото направете го и врвот, за капакот да може убаво да си легне. Теглите ставете ги врз ладната решетка од рерна и оставете ги да отстојат околу 20-тина минути.




Рернара вклучете ја да се загрее на 200 степени, па внимателно пренесете ги сосе решетката во загреаната рерна да се печат без капак на 200 степени, околу 45 минути. По печењето, извадете ги теглите со заштитни, кујнски ракавици и вратете ги гумичките на капаците и затворете ги додека теглите се врели.

Превртете ги наопаку и оставете ги да се оладат. Вака приготвениот леб складирајте го на темно и ладно место. Лебот има рок на траење до 12 месеци. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.