Од пред неколку месеци налетав на рецептот на Асена кој ме потсети на вкусните печива кои баба ми ни ги правеше за појадок. Се приготвуваат само од брашно и врела вода, па си помислив, мора да ги направам и да се потсетам на стариот добар вкус, кој носталгично ме навраќа во детството.




Не знам за вас, но јас во секое тесто додавам малку шеќер и сол, па така и во овој, ставам по една лажичка во врелата вода, а потоа го истурам брашното. Кога бев дете со задоволство ја гледав баба ми како го замесува тестото, па можеби затоа имам повеќе склоност кон месените печива.




Рецептот на баба ми е речиси идентичен на оној од Асена, па ќе ви ја објаснам постапката, а во продолжение можете и да ја погледнете презентацијата. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 мала лажичка шеќер, 1 мала лажичка сол, 1 чаша врела вода, 2.5 чаши брашно (250 г) и масло за пржење.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете врела, зовриена вода и во неа растворете по една лажичка сол и шеќер. Баба ми ова го правеше директно во тенџере на рингла, но веројатно нејзините раце беа навикнати на топлина.




Во топлата вода додајте една чаша брашно и веднаш промешајте со лажица или шпатула додека брашното да ја впие водата. Потоа додајте уште речиси една чаша брашно, а остатокот оставете го за домесување.




Тестото веќе треба да биде малку оладено од брашното, односно да. стане млако, па може да се премине на рачно месење. Кога ќе почне да се одвојува од ѕидовите на садот, домесете го на работна површина со наросување по малку брашно




Асена не го остава тестото да одмори, туку веднаш го развлекува, но јас преферирам да го одморам 10-20-тина минути, зашто подоцна полесно се работи со него. Со помош на оклагија развлечете тенка кора.




За да не лепи, повремено наросувајте брашно, а ако сте почетници, погледнете во презентацијата како тоа го прави Асена, ќе забележите дека е прилично едноставно. Искројте ја кората во голем правоаголник.




Сечете тенки лентички со широчина од два прсти, па спуштајте ги во масло за пржење загреано на умерена температура. Тие веднаш се дујат како балони и за кратко заруменуваат. Вадете ги врз хартиена салветка за да се впие вишокот масло, илиако не впиваат и не се масни. Презентацијата погледнете ја ОВДЕ.