Здраво на сите, јас се викам Татјана и сакам да ви го откријам рецептот за колачите („барови“) кои ми помогнаа во мојата диета. Многу сакам да готвам и голем гурман сум, па поради тоа долго време си имав проблем со одржување на мојата т ежина.




Мојот сопруг и ќерката исто така се големи гурмани, а особено ги обожаваат слатките. Понекогаш експериментирам во кујната, па кога ќе добијам нешто навистина добро и вкусно, тие сакаат да го повторам. Така настана и овој колач, кој навистина е многу здрав.




Можете да го јадете без грижа на совест дека сте се наполниле со непотребен шеќер кој веднаш ќе се конвертира во масти доколку не го потрошите. Се надевам дека и вам ќе ви се допадне овој рецепт, испробајте го уште веднаш. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г овесни снегулки, 100 г овесни трици или ‘ркулци (или мелени снегулки), прстофат сол (1/4 лажичка), 1 лажичка мелен цимет, 1 лажичка прашок за печиво, 5 капки екстракт од портокал (или ванила, или малку изрендајте кора од портокал), 50 г суво овошје, 2 банани, 1 лажица масло. За глазура 90 г црно чоколадо, 3 лажици масло.

Овесните „трици“ и снегулките можете да ги набавите од продавница за здрава храна или големите супермаркети. Многу се вкусни и даваат вкус на јаткасти плодови. Доколку не можете да најдете овесни „трици“, тогаш заменете ги со мелени овесни снегулки или мелени ореви на пример.




„Триците“ се добиваат од надворешниот слој на житарицата која потоа се меле, а токму овој дел од зрното е најхранливиот дел кој го нема во белото брашно, на пример. Содржат, протеини, природни влакна и јаглехидрати. Имаат исклучително корисно дејство врз дигестивниот тракт на човекот.

ПОСТАПКА: во еден подлабок сад ставете ги овесните снегулки, овесните трици, четвртина лажичка сол, една лажичка прашок за печиво, една лажичка цимет во прав, па добро промешајте додека да се изедначат состојките.




На страна во еден помал сад ставете 50 г суво грозје и потопете го со млака вода, па оставете го да се хидрира и да набубри. По желба, во водата можете да додадете рум или наместо вода да ставите сок од портокал, на пример.




Две големи банани излупете ги, исечкајте ги и ставете ги во блендер. Измиксајте ги додека да добиете изедначено пире. Потоа додајте го во мешавината од овесни снегулки. Внимателно промешајте со шпатулата.




Овесот ќе ја впие сета влага од бананите, па ќе добиете компактна смеса која лесно се обликува, со конзистенција на влажен песок. Додајте го набубреното суво грозје и по желба екстракт од портокал, па уште еднаш промешајте. Сосем на крај додајте една лажица масло.




Добиената смеса рамномерно распоредете ја во плех или калап со средна величина, претходно обложен со хартија за печење и малку намастен. Смесата одозгора натапкајте ја со дланката. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути.




Кога ќе се испече оставете малку да излади, а потоа отстранете ја хартијата, а целата кора исечете ја на штангли-барови со големина по ваша желба. Моите барови беа широки околу 3 прста, а секое утро јадев по еден ваков бар за појадок, со кафе или чај.




На крај преостанува да го растопите чоколадото со малку масло (во микробранова или на многу тивок оган, на пареа), па да ги прелиете баровите со чоколадната глазура. оставете ги да се стегнат, малку на собна температура, а потоа и во фрижидер. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.