Овие ќофтиња се одлична идеја за ручек или вечера. Многу се вкусни, не се многу масни, се прават од едноставни и здрави состојки, а сепак излегуваат сочни, никој не може да им одолее.
Ќофтињата се прават со малку месо и зеленчук. Зеленчукот одлично се вклопува во нив и го збогатува вкусот на месото.
Покрај тоа, се подготвува и прелив во кој ќофтињата се крчкаат и затоа излегуваат многу сочни. Овие е омиленото јадење на маж ми и син ми, ги јадат со брзина на светлината. Еве што ви е потребно за да ги подготвите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г мелено месо, 1 јајце , 1 главица кромид, 5-6 чешниња лук, 3 парчиња тост леб , од суви зачини ќе ви биде потребно сол, црвен и црн пипер, потоа брашно, масло.
Испржените ќофтиња се вадат од тавчето и во истото масло се пржат: 1 праз, 500 г спанаќ, 500 мл неутрална павлака за готвење, зачини (вегета/сув зачин, сол, црн пипер, лук во прав или гранули), 100 мл млеко (по потреба).
ПОСТАПКА: Ставете го меленото месо во подлабок сад. Настрана исечкајте го кромидот на ситни коцки, додајте го во месото и малку измесете ја смесата со раце. Додајте го јајцето, измешајте, па додајте го лебот.
Јас користев леб за тост, а претходно го натопив во вода и само го издробив во смесата на помали парчиња. Важно е лебот да се исцеди од водата и да биде малку мокар пред да се додаде во месото и кромидот.
Низ преса се истиснуваат чешнињата лук и тие се додаваат во месото. Доколку немате преса, исечкајте ги што поситно и малку издробете ги со толчник.
Потоа, се зачинува по вкус со сол, црн и црвен пипер и уште некој зачин по ваша желба. Сето тоа убаво се меша за сите состојки да се соединат и да се добие убава хомогена смеса. Од замесената смеса се обликуваат мали ќофтенца и се тркалаат во брашно, за да се испржат со коричка.
На тавче на рингла загрејте малку масло и испржете ги ќофтињата со повремено превртување. Ќофтињата се пржат по неколку минути додека да фатат убава коричка. Откако ќе се испржат се ставаат во чинија, а во истото масло се пржи празот.
За филот: Празот исечкајте го на ситни парчиња и ставете го веднаш да се пропржи во маслото, на пониска температура. Кога празот ќе почне да заруменува, се додава и спанаќот, кој претходно треба да биде исечкан и заедно се пропржуваат двете состојки, уште неколку минути.
Потоа, се зачинува со сув зачин, црн пипер, сол и лук во прав/гранули. Сѐ заедно убаво се меша и се додава неутралната павлака. Ако приметите дека смесата е многу густа можете да додадете малце млеко околу 100 мл.
Кога павлаката ќе згусне и ќе почне да врие, се намалува температурата на ринглата и се додаваат ќофтињата. Убаво се меша и се остава 5 до 10 минути убаво да прокрчкаат сите состојки заедно и месото да апсорбира од сосот. Веднаш послужете со свежа салата. Деталите погледнете ги ОВДЕ.