Овој колач беше хит на сите наши собиранки.

Потребни состојки:

4 белки, измиксани во цврст снег
150 г шеќер
150 г путер на собна температура
70 г брашно, половина остро, половина меко
150 г мелени ореви

За крем 1:

4 жолчки
150 г шеќер во прав

за крем 2:

50 мл силно црно кафе или млеко
150 г шеќер
150 г мелени ореви
70 г путер
и уште малку мелени ореви за наросување одозгора

Постапка:

Со миксер изматете го путерот заедно со шеќерот додека да добиете светла пенлива смеса. Додадете просеано брашно, мелените ореви, 1/3 од снегот од белките, па на најмала брзина од миксерот изматете за да се соедини.

На крај додадете го остатокот од снегот од белки, но овојпат промешајте со шпатула или лажица. Ќе добиете доста густа смеса која треба рамномерно да се распореди во калап 30х20 см, претходно намастен со путер и наросен со малку брашно.

Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути. Бисквитот оставете го во калапот целосно да се олади.

За првиот крем: добро измиксајте го шеќерот со жолчките во густа смеса. Прелијте го кремот преку изладениот бисквит, израмнете и ставете во загреана рерна на 50-70 степени да се суши околу 50 минути. Извадете од рерна и оставете да се лади.

За вториот крем: во еден сад ставете кафе или млеко (по избор) и шеќер, па загрејте на тивко додека шеќерот да се растопи. Потоа додадете мелени ореви и уште кратко оставете на рингла со постојано мешање. Тргнете од оган и додадете го путерот. Изедначете и оставете да излади. Потоа премачкајте преку првиот крем и одозгора наросете со мелени ореви.

Колачот е доста сладок, па затоа секогаш ја намалувам количината на шеќерот во бисквитот и во вториот крем, а не во првиот бидејќи ќе биде редок и нема да се исуши.

По непишано правило, колачот се сече во облик на полумесечина. Мене не ми поаѓа од рака, па затоа ги сечам на потенки и тесни коцки.

Coolinarika.com