Прекрасна пита, често ја правам.

Потребни состојки:

500 г брашно
250 мл млеко
½ шолја (50 г) масло
½ јајце (или едно помалечко)
125 г путер
1 лажичка шеќер
½ лажичка сол
12 г свеж квасец (во оригиналниот рецепт пишуваше сув)

Фил по желба:

Сирење, спанаќ, пица-фил, динстани печурки… или овошје по избор во кое треба да се додаде шеќер и густин (или презла)

За премачкување: изматено јајце (половината од она што ќе го употребите за тестото, или 1 помалечко)

ПОСТАПКА:

Оригиналниот рецепт содржи 1 кг брашно, 500 мл млеко, 1 мала шолјичка масло, 250 г путер, по една лажичка шеќер и сол и сув квасец. Се добиваат 6 пити машнички.

Правев половина од мерите и користев свеж квасец, добив 3 плетенки-машнички, 30 см долги и 11 см широки.

1.Квасецот активирајте го со шеќер и малку брашно во млеко млеко одвоено од предвидената количина.

Во брашното додадете сол и промешајте, па додадете го активираниот квасец, маслото и јајцето (го изматив, па половина додадов во тестото а остатокот го оставив на страна за премачкување на питата пред печење). Со млако млеко се замесува тесто. Покријте го и оставете го да надојде.

2.Нараснатото тесто исукајте го во правоаголна кора и одозгора изрендајте ладен путер. Свиткајте го како ролат.

Веднаш го поделив на три дела (од тестото што го правев со половина мера), го ставив во плех на силиконска подлога, па во голема најлон кеса, ги врзав краевите за да не се суши тестото и го оставив на ладно. (Во оригиналниот рецепт тестото треба да се свитка во круг, па се дели на 6 помали делови, па дури потоа одмора во фрижидер).

3.Додека тестото одмора се приготвува солениот или сладок фил (мера за една пита):

180 г сирење иситнето со виљушка
1 јајце
5-6 сечкани листови блитва. Сето добро се промешува, или:

250 г црешни преполовени (или друго овошје), прелијте ги со

2-3 лажици шеќер
1 ванилин шеќер
2 лажици густин. Сето добро промешајте.

4.Одмореното тесто исукајте го во правоаголник и на средина нанесете го филот. Со остар нож од двете страни засечете го тестото на 1 см дебелина.

Краевите од тестото преклопете ги преку филот, па со прстите врзувајте ги лентичките во машнички.

5.Кај слатката пита мора да внимавате целиот фил да биде внатре во тестото и да не истекува (мене за малку од една пита ќе ми „избегаше“ растопениот шеќер.

6.Питата префрлете ја во плех и премачкајте ја со изматено јајце (во оригиналот во јајцето се додава и масло, јас го заборавив). Рерната загрејте ја на 180°C, а за тоа време питата во плехот убаво ќе порасне.

7.Печете во загреана рерна околу 30 минути, односно додека убаво да порумени. Печената пита малку изладете ја, сечете на парчиња и послужете!

8.Слатката пита поросете ја со шеќер во прав.

coolinarika.com