Одличен избор за посни денови, тортата е полна со ореви и многу е сочна. Многу едноставно се приготвува од неколку убави цврсти јаболка. Потребно е да ги издлабите, да ги наполните со мелени ореви и да ги испечете, а потоа да ги прелиете со бисквитна смеса која многу лесно и брзо се мати.
Потребни состојки: 8 јаболка излупени и издлабени, 150 г ореви, 5 лажици зовриена вода, сок од 1/2 лимон, 1 лажичка цимет, 1 лажица кафеав шеќер, 1 мала лажичка посен маргарин (ова можете да го изоставите)
Потоа: 225 г брашно, 1 лажичка прашок за печиво, 1/2 лажичка сода бикарбона, кора од еден лимон, 2 лажици џем од кајсија, 100 г шеќер, 100 мл масло, 225 мл вода (можете да го замените со сок од јаболко), глазура по избор (шлаг, чоколадо, карамел и ореви)
Постапка: Јаболката излупете ги и внимателно издлабете ги и отстраните ги семките. Внимавајте да не ги скршите плодовите, тие треба да останат цели. На оган зовријте 5 супени лажици вода и прелијте ги мелените ореви (150 г) и додајте сок од половина лимон.
Смесата убаво промешајте ја за да стане компактна. Нема потреба да додавате шеќер. Со оваа смеса наполнете ги издлабените јаболка. Пригответе го калапот за торти: Обложете го со хартија за печење, намастете го со посен путер и наросете една лажица кафеав шеќер.
Наредете ги јаболката во калапот (22 см), одозгора наросете ги со малку цимет во прав и ставете ги да се печат 20-тина минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Додека се печат јаболката, вие пригответе ја смесата за бисквитот со кој треба да се прелијат јаболката.
Во еден длабок сад ставете 225 г брашно, 1 лажичка прашок за печиво и половина лажичка сода бикарбона. Додајте 100 г шеќер и рендана кора од еден лимон. Промешајте ги сувите состојки па додајте ги влажните: 2 лажици џем од кајсии, 100 мл масло и 225 мл вода.
Наместо вода може да додадете сок од јаболка, а наместо џем од кајсии може да додате било кој друг џем кој сакате по ваш вкус. Добро измешајте со жица за матење додека да се соединат сите состојки и да добиете изедначена, компактна смеса, малку погуста од онаа за палачинки.
Смесата рамномерно излејте ја врз печените јаболка, малку израмнете и вратете во топлата рерна да се допече уште 30-тина минути. Печената торта извадете ја и оставете ја малку да се олади пред да го отстраните обрачот. После 15 минути превртете ја и отстранете ја хартијата.
Вратете го обрачот затоа што јабоката поспоро се ладат и тортата е уште топла. Бидејќи оваа торта е посна, нема потреба да се става глазура, едноставно наросете ја со мелени ореви и почекајте да се олади. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.