Ако имате смрзнати, а уште подобро свежо набрани мешунки боранија, не пропуштајте да го приготвите ова извонредно вкусно јадење „Мусака од мешунки“. Во мојата збирка рецепти е запишан под името „Мусака од мешунки – Соња“, и денес според тој рецепт го приготвив овој одличен ручек.




Малку го прилагодив според мојот начин на готвење, а вие секако можете да го прилагодите рецептот според вашиот начин, и да ја направите оваа превкусна мусака. Послужете ја со чаша добро црно вино… – Мема.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г жолта боранија (смрзнати), 250 г мелено месо, 250 г млад компир, 1 главица кромид, масло за пржење, 1 чешне лук, 2 супени лажици ситно сечкан магдонос, малку мускатно оревче, меколку листови мажуран и босилек, 500 мл кисела павлака, 1 јајце, сол и црн пипер по вкус, 150 г рендан кашкавал




Мешунките боранија исчистете ги, измијте ги и сварете ги во солена вода (внимавајте да не ги преварите, потребно е само малку да омекнат). Компирот измијте го добро, па излупете го и него сварете го во солена вода, па исечете го на тркалца.




Кромидот излупете го и ситно исечкајте го, па запржете го на малку загреано масло. Динстајте го додека да омекне и застакли, па додајте го меленото месо. Пржете го со постојано мешање додека да ја промени бојата и да испари вишокот течност.




Пред крај од готвењето додајте ги зачините, магдоносот, мускатното оревче и останатото, па посолете и запиперете по вкус. Добро промешајте и динстајте уште една минута да се соединат вкусовите.




Во малку намастен огноотпорен сад со средна величина, распоредете еден ред мешунки измешани со ситно сечкано лукче и малку црн пипер во прав (може да додадете и некои зачини кои вам ви одговараат по вкус).




Врз боранијата рамномерно распоредете мелено месо и добро израмнете да се пополнат сите празнини. Врз меленото месо целата површина покријте ја со тркалца исечен компир (претходно подварен, но не преварен).




Во посебен сад изматете го јајцето заедно со киселата павлака, па добиената смеса рамномерно распоредете ја врз компирите. Премачкјате ја убаво целата површина, па одозгора наросете рендан кашкавал.




Загрејте ја рерната на 200 или 220 степени, па ставете го приготвеното јадење да се потпече, додека кашкавалот да се растопи и да се зафати малку убава румена боичка. Јадењето можете да го послужите и топло и ладно. Добар апетит – Мема / Сооlinarika.com