Ова се еден вид палачинки од компири кои се многу попyларни ширум светот, затоа што освен што се многу вкусни, се приготвуваат многу брзо, лесно и едноставно. Во суштина тие се прават од компир-пире, па доколку некогаш ви остане од ручекот, сочувајте го пирето и пригответе ги овие вкусни погачици.
Може да се филуваат со претходно пропржено мелено месо, со сирење, кашкавал, нешто зелено, па дури може да се приготват и во слатка варијанта. Јас овојпат ги филував само со кашкавал, но најомилена верзија ни е мешавината од ситно сирење со рендан кашкавал/моцарела.
Дури и во самото тесто може да додавате малку сирење или кашкавал, но сега сакав да ви го покажаљм наједноставниот рецепт, од состојки кои сите ги имате во кујната. Овие погачици се солени, иако во тестото се става малку шеќер (според оригиналниот корејски рецепт) кој дава убав вкус, но печивата и натаму се солени. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г компири (излупени и исечени на коцки), 90 г сенаменско брашно и уште малку за формирање на погачиците, 1 мала лажичка шеќер (по желба), 1 лажичка сол или по вкус, малку црн пипер по вкус, кашкавал за фил и малку масло за готвење.
ПОСТАПКА: Компирите измијте ги со ладна вода пред и после лупењето. Исечете ги на приближно еднакви коцки за да можат рамномерно да се сварат. Ставете ги во тенџере и прелијте ги со ладна вода, да бидат прекриени. Посолете со прстофат сол или една лажичка, па варете ги додека да омекнат.
Можете да ги сварите и на пареа ако сакате. Варениот компир процедете го од водата или извадете го со решеткаста лажица. Испасирајте го додека сè уште е топол, со виљушка или специјална пасирка, додека да се изедначи смесата и да стане кремаста, без грутчиња.
Потоа додајте го брашното, шеќерот, солта и малку свежо мелен црн пипер, па промешајте додека да добиете мека, хомогена смеса која не се лепи. Ако сметате дека тестото е од компир е премногу влажно, додајте уште малку брашно.
Потоа формирајте ги „палачинките“: добро набрашнете ги рацете, па со лажица ставајте од смесата врз дланката (или како што е опишано во видеото, со црпалка за сладолед извадете две топки), па сплескајте и формирајте ја „палачинката“. Во средината ставете го кашкавалот, па со набрашнети прсти затворете ја и повторно обликувајте.
Вака приготвените полнети погачици спуштајте ги во тава со малку масло загреано на умерена температура и пржете ги од двете страни додека убаво да заруменат. Може да ги печете и во рерна врз хартија за печење, премачкани со малку масло.
Деталите погледнете ги ОВДЕ. Напомена: Оние парчиња што ќе ви останат (испржени) може да ги замрзнувате и да ги користите до 3 месеци. Послужете ги за појадок, вечера, закуска или прилог кон главното јадење.