Фото и рецепт: Наталија Милодановиќ

Овие нутела коцки се нешто толку едноставно, а така добро, што морав поскоро да ги споделам со вас. Овој колач е создаден за претстојните топли денови, бидејќи не се пече, а толку е фино пенлив и кремаст, што едноставно не може а да не ви се допадне.

Подлогата се состои од мелени бисквити помешани со чоколадо во прав и путер, а филовите се комбинација од слатка павлака и крем сирење, со тоа што во едниот дел се става нутела. Одозгора се прелива со ганаш-глазура од млечно и црно чоколадо, а јагодите не се задолжителни, само за декорација.

Потребни состојки:

300 г мелени кекси
70 г путер
30 г чоколадо во прав (несквик или слично)
100 мл млеко

За фил:

400 г крем сирење (АБЦ или маскарпоне)
50 г шеќер во прав
500 мл слатка павлака
200 г слатка павлака
200 г нутела (или друг крем со лешник)

За ганаш глазура:

100 г млечно чоколадо
50 г чоколадо за готвење
150 мл слатка павлака

За подлога:

Кексите сомелете ги и измешајте ги со чоколадо во прав. Путерот растопете го, изладете го неколку минути, па прелијте го врз кексите. Додадете и млеко, па сите состојки добро измешајте ги за да се соединат. Оваа смеса втиснете ја во калап со обрач, димензии 25х25 см, па добро и рамномерно натапкајте го со лажица или прсти. Оставете во фрижидер за да се стегне.

За фил: Со миксер измешајте крем сирење со шеќер во прав. Слатката павлака посебно изматете ја во друг сад, но не до крај. Сега соединете ги крем сирењето и изматената слатка павлака, па заедно уште малку изматете ги со миксерот на најмала брзина. Внимавајте да не го прематите бидејќи филот ќе биде прецврст. Ако сепак тоа ви се случи, додадете малку млеко.

Сега извадете ја подлогата од фрижидер и рамномерно нанесете половина од филот. Вратете во фрижидер. Во другата половина додадете нутела која претходно малку сте ја омекнале во микробранова или во сад со топла вода. Добро измешајте со лажица (не со миксер) за да се соедини. Нанесете го овој фил врз белиот фил и убаво израмнете.

За ганаш глазура: загрејте ја слатката павлака речиси до вриење (не треба да зоврие), па додадете ги двата вида чоколадо искршени на коцки. Нека отстои така некоја минута, а потоа добро промешајте додека целото чоколадо да се растопи и да добиете изедначена чоколадна глазура. Излејте ја преку нутела филот и само протресете го плехот за секаде рамномерно да се распореди. Оставете во фрижидер добро да излади и да се стегне.

Mysticcakes.com